fbpx

Cadillac InnerSpace е елегантен концепт за автономно возило

Премиум марката на General Motors, Cadillac, го искористи годинешното издание на CES да го претстави необичниот концепт наречен InnerSpace

Откако минатата година ги претстави концептите PersonalSpace и SocialSpace, Cadillac продолжува со своите замисли за иднината на мобилноста со InnerSpace кој го опишува како електрично и автономно луксузно возило наменето за двајца патници. Создаден да привлече внимание, Inner Space концептот е футуристичко купе кое влече инспирација од минатото на Cadillac со оглед на тоа дека станува збор за компактен и личен автомобил за две лица.

Компанијата не откри премногу детали, но концептот се одликува со целосно затворена и осветлена решетка која е обиколена од вертикални светлечки единици. Меѓу останатите впечатливи карактеристики тука се дигиталните ретровизори, масивните тркала и опаѓачката покривна линија. Концептот исто така е опремен со специјално развиени Goodyear пневматици направени од природни материјали како масло од соино зрно и силициум на база на лушпа од ориз. Пневматиците исто така имаат SoundComfort и SightLine технологии, кои испорачуваат важни информации околу притисокот, температурата, товарот и други перформансни фактори.

Cadillac InnerSpace

Ентериер наменет за уживање

И додека екстериерот е дефинитивно атрактивен, кај InnerSpace, како што сугерира и самото име, фокусот е ставен на ентериерот. Како што велат од Cadillac, целосно автономната возачка технологија им овозможува на патниците да се фокусираат на своето патување наместо на возењето. Патувањето е замислено да биде опуштено бидејќи концептот се одликува со предни седишта кои повеќе наликуваат на фотелји и имаат потпирачи за нозете. Тука е и „претопувачкиот и панорамски SMD LED екран“ кој овозможува „пристап до проширена реалност, забава и велнес тематика“.

Cadillac InnerSpace

Од Cadillac не дадоа објаснување, но концептот исто така има и екрани во вратите, а InnerSpace исто така добива и луксузен простор за складирање, лебдечки потпирачи за глава и осветлени акценти насекаде во кабината.

Иако не се познати спецификациите, моделот ја користи Ultium платформата, а благодарение на нејзиниот бежичен систем за менаџирање на батеријата, успеале да ги прошират батериските модули низ целото возило со цел да се максимизира пространоста. Оваа флексибилност го овозможува и елегантниот стајлинг, како и ниската седечка поставеност.

Поврзани вести

Back to top button