fbpx

Ford ja претстави Raptor верзијата на Bronco

Американскиот производител Ford го претстави новиот Bronco Raptor, најмоќната верзија во поставата на популарниот SUV

Ford ја воскресна најмоќната изведба на Bronco, па сега во понудата на овој SUV на „Синиот овал“ се најде и моќниот и исклучително способниот Raptor. Новиот Bronco Raptor, покрај својата моќност, се одликува и со уште подобрите способности за совладување на теренските пречки. Станува збор за првиот SUV инспириран од Ultra4 Racing серијата, оф-роуд дисциплина која се смета за најтешката еднодневна оф-роуд трка на планетата.

Ford Bronco Raptor

Новиот Ford Bronco Raptor е 25 сантиметри поширок од базичниот модел, со голем број на визуелни додатоци кои потсетуваат дека ова не е обичен SUV. Моделот има должина од 4.851 милиметри, висок е 1.980, а широк 2.177 милиметри.

Со својата уникатна каросерија, надградениот SUV е веднаш забележлив и се разликува во однос на основниот модел. Но, како и остатокот од поставата на Raptor, така и во овој случај станува збор за многу повеќе од обично „билдање“ на изгледот бидејќи постои широка листа на надградби кои Bronco ги добива во Raptor изведбата.

Најмоќниот Bronco досега

Bronco Raptor се напојува со 3,0-литарски V6 EcoBoost мотор со графитно-железен блок на моторот, што го прави уште поиздржлив. Ford вели дека моторот тука испорачува 405 КС, а добива и интеркулинг и систем на индукција на воздухот за да ги издржи повисоките температури во пустините. Моќноста се испорачува до тркалата преку 10-степен менувач, сличен на оној кој се наоѓа кај F-150 Raptor и Ranger Raptor. Системот за погон на сите четири тркала ќе добие седум различни „G.O.A.T“ режим за оф-роуд истражувања. Тука е вклучен и новиот Baja режим кој активира турбо анти-лаг систем. За оние кои сакаат нешто поедноставно, Bronco Raptor исто така ќе се одликува со четири режими за издувниот систем, вклучително и тивок режим на работа.

Како што може да се очекува од еден Raptor, овој SUV добива и големи унапредувања на шасијата. Агилноста е унапредена со нови амортизери со кои се зголемува клиренсот на моделот, а кога станува збор за системот на потпирање, Bronco Raptor добива слична поставка како F-150 Raptor. Моделот добива и заштитни плочи за заштита на подвозјето. Шасијата добива зацврстување кај B и C столбовите, со 50 проценти зголемување во вкупната торзиона ригидност.

Врвни оф-роуд перформанси

Raptor Bronco добива и врвни погонски компоненти, вклучително и оски од Dana, како и унапредени полуосовини. Трагите се проширени за 21,8 сантиметри во однос на стандардниот модел, додека клиренсот е зголемен за 12 сантиметри. Она што го издвојува Raptor од стандардниот Bronco е и унапредениот 4х4 систем. Ford го опреми Bronco Raptor и со возачки режим за една педала, а ги унапреди и влечните способности на својот SUV кој сега може да влече 2.041 килограми или 454 килограми повеќе од претходно.

Моделот доаѓа и со челичен браник со отстранливи крајни капачиња за подобар клиренс, како и интегрирани куки за влечење. Предните и задни четврт-панели, калниците, штитниците над тркалата и апликациите на вратите се уникатни за Raptor верзијата и придонесуваат за автомобилот да биде 25 сантиметри поширок.

Ford Bronco Raptor е поставен на 37-инчни пневматици од BF Goodrich за сите терени и станува збор за најголемите достапни пневматици за било кој продукциски SUV во САД. Тркалата се достапни во големина од 17 инчи со два дизајни. Фаровите се специјални за Raptor изведбата, предниот браник се одликува со отстранливи и интегрирани Rigid LED магленки со Rigid оф-роуд светла за поголема прегледност во ноќни услови.

Ентериерот исто така добива унапредувања

Во ентериерот се наоѓаат голем број детали обложени во Code Orange боја која е специјална за Raptor изведбата. Седиштата се обложени во винил, а како опција се нудат Black Onyc Neo Suede седишта, заедно со подебелиот спортски управувач. Постои опција и за Ford Performance дизајнирани предни седишта. Моделот доаѓа стандардно со 12-инчен екран на допир со надворешни камери за 360-степен преглед. Тука е и Lux пакетот кој вклучува B&O аудио систем со 10 звучници и адаптивен темпомат.

Ford ќе ги отвори книгите за нарачки во март 2022 година, а почетната цена на Bronco Raptor изнесува 68.500 долари.

Поврзани вести

Back to top button