fbpx

BMW ги освежи M8 Competition и Серија 8

BMW ја претстави Серија 8 во 2018 година, а германскиот производител е подготвен да го освежи моделот за 2022 година

Серија 8 во Coupe, Cabriolet и Gran Coupe изведба добива фејслифт на средина од животниот век, а BMW не го запоставува ниту M8 Competition со своите освежувања. Иако нема многу промени во однос на претходно, баварската компанија сепак направи некои подобрувања кои клиентите сигурно ќе ги ценат.

BMW 8

Со својот инстантно препознатлив изглед, освежените модели добиваат нова Iconic Glow решетка. Како што вели и самото име, решетката е осветлена со цел да се креира „драматично чувство кога BMW Серија 8 ќе се погледне од напред“. Дополнителните промени се ограничени, но купувачите во секој случај ќе забележат ревидирани отвори за воздух, нова палета на бои и унапредени тркала. Освен тоа, M850i варијантите добиваат аеродинамички оптимизирани M ретровизори и опција за класични BMW Motorsport логоа аплицирани на хаубата, багажникот и тркалата во чест на 50-годишнината на BMW M.

BMW 8

Промените во ентериерот исто така се минимални, но возачите ќе најдат пред себе поголем инфозабавен систем. Сега истиот се протега во дијагонала од 12,3 инчи, што е забележително зголемување во однос на претходникот кој имаше 10,25 инчи.

BMW 8

M8 Competition

Треба да се напомене дека M8 е „мртов“, а BMW во својата понуда ќе го има единствено M8 Competition. Моделот ги добива голем дел од истите промени како стандардната Серија 8, но ја задржува својата поагресивна решетка. Покрај тоа, тука се новите M Shadowline инсерти на фаровите и новите M Carbon спортски седишта кои добиваат осветлени M8 беџови на потпирачите за глава. Купувачите ќе најдат и ревидиран тапацир како Алкантара на контролната табла и горните панели на вратата.

Моќноста се испорачува преку препознатливиот битурбо 4,4-литарски V8 мотор кој испорачува 625 КС и 749 Nm максимален вртежен момент. Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач и M xDrive систем за погон на сите четири тркала, што му овозможува на M8 Competition да забрза од нула до „стотка“ за 3,2 секунди.

Оние кои сакаат нешто поуникатно ќе можат да ја добијат 8 X Jeff Koons Edition верзијата. Моделот ќе биде претставен на 17 февруари и ќе се одликува со мулти-слоен екстериер со 11 бои, како и уникатна кабина со извонредни материјали како и најдобрата кожа. Специјалната едиција ќе биде базирана на 850i xDrive Gran Coupe и е најновата соработка на BMW со уметникот Џеф Кунс.

Поврзани вести

Back to top button