fbpx

DS E-Tense Performance е концепт со Formula E технологија

Премиум брендот на Stellantis, DS, го претстави својот концепт наречен E-Tenses Performance кој е целосно електричен суперавтомобил

Групацијата Stellantis вложува сериозни ресурси во електричната иднина, а најновиот производ кој пристигнува од таму е E-Tense Performance концептот, зад кој стои премиум брендот DS. Станува збор за целосно електричен суперавтомобил кој во себе инкорпорира технологија од Formula E. Самиот концепт е еволуција на претходниот DS E-Tense концепт од 2016 година, но сега добива многу помоќен погон и свеж дизајн на екстериерот кој ќе ги инспирира идните модели од поранешниот подбренд на Citroen.

DS E-Tense Performance

Откако успеа да ги освои титулите во конкуренција на возачи и конструктори во последните две сезони од Formula E, DS Performance го зеде електричниот погон од своите болиди и го вметна во карбонската монокок шасија на овој концепт. Двата електромотори заедно испорачуваат 815 КС, односно 340 КС на предната и 475 КС на задната оска. Уште поимпресивно делува вртежниот момент кој достигнува колосални 8.000 Nm кои се испорачуваат на тркалата. Ова значи дека E-Tense Performance е двојно помоќен и има 16 пати поголем вртежен момент во споредба со E-Tense кој имаше еден електромотор и погон на задните тркала.

DS E-Tense Performance

Врвни технолошки решенија

Батеријата со карбонско-алуминиумско композитно куќиште поставено цетрално за оптимална дистрибуција на тежината „има иновативна хемија и претопувачки разладен систем за ќелиите“, велат од компанијата. Истовремено, овозможува регенеративен капацитет од 600 kW, со што традиционалниот систем за сопирање со дискови е застарен – иако се уште е таму од безбедносни причини. Според францускиот бренд, геометријата на системот на потпирање е дизајнирана да понуди најдобар можен потисок на нерамни патишта и во сите временски услови.

Иако делумно најавува спринт од нула до „стотка“ за 2 секунди, DS официјално ќе ги објави перформансните бројки на концептот откако развојот ќе заврши. Професионалните возачи и Formula E шампион Жан-Ерик Верн и Антонио Феликс да Коста ќе седнат зад управувачот на DS E-Tense Performansе почнувајќи од овој месец со цел да го тестираат неговиот вистински потенцијал.

DS E-Tense Performance

Промени кои ќе се најдат кај идните продукциски модели

DS E-Tense Performance ја задржува силуетата на својот претходник, но добива ново лице. Поедноставните и поаголните LED графики во комбинација камери монтирани во фаровите и дигитална решетка, мошне сигурно ќе се најдат и кај идните продукциски модели, додека новата хауба има поинакви отвори за вентилација и двобоен третман кој се повторува на целиот автомобил.

Профилот изгледа мошне слично, покрај графиките и поаеродинамичните 21-инчни тркала. Задниот дел исто така останува во најголем дел ист со футуристички LED светла, масивен дифузер и сопирачко светло инспирирано од Formula E. DS не објави фотографии од ентериерот, но истакнаа дека има спортски седишта, Formula E управувач, опрема за собирање на податоци, Focal Utopia аудио систем и инсерти од црна кожа.

DS E-Tense Performance

Инаку, DS E-Tense Performance најверојатно е единечна дизајнерска студија која компанијата ја опишува како „прототип насочен кон тестирање на различни иновации кои ќе се вградат во идните дизајни на брендот“.

Поврзани вести

Back to top button