Škoda Fabia добива атрактивен спортски изглед со Monte Carlo
Чешката компанија Škoda го претстави најновиот додаток во семејството на Fabia, верзијата Monte Carlo која носи уште повпечатлив изглед за малиот хечбек
По објавата на официјалните тизер цртежи, Škoda и официјално ја претстави Fabia во Monte Carlo изведба, спортско ниво на опременост за малиот хечбек кој е достапен со повеќето моторни опции, а притоа добива голем број на визуелни додатоци за уште поатрактивен изглед. Fabia е третиот модел во поставата на чешката марка која го добива Monte Carlo тримот по Scala и Kamiq.
Почнувајќи со екстериерот, Fabia добива црн финиш на решетката, сплитерот, страничните прагови, капаците од ретровизорите, задниот ретровизор и задниот браник. Тука исто така е и Monte Carlo беџот над предните крила, затемнетите прозорци и црниот Škoda натпис на задната врата, додека како опција е достапен и двобојниот изглед, односно можност за црн покрив и црни столбови.
LED фаровите, кои како опција можат да се добијат во Full LED изведба, заедно со магленките се стандарден дел од опремата, заедно со сет на сјајно црни 16-инчни Proxima тркала од лесна легура со отстранливи аеродинамични пластични тримови. Оние кои сакаат нешто поспортски изглед можат да се одлучат за 17-инчните Procyon, па дури и поголемите 18-инчни Libra тркала.
Кабина во согласност со екстериерот
Во внатрешноста, Monte Carlo се разликува благодарение на темната атмосфера со црвени акценти ширум кабината. Моделот добива спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава, управувач со рамно дно обложен во кожа, педали од нерѓосувачки челик, LED амбиентално осветлување и карбонски детали на контролната табла.
Дополнителни работи кои можат да се добијат како опција се 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер со графика специјално направена за оваа верзија, Amundsen инфозабавен систем со 9,2-инчен екран на допир, греење на управувачот и ред други работи. Благодарение на ова, Fabia се позиционира високо на пазарот, слично како со спортските варијанти на ривалските модели како што се Renault Clio RS Line, Ford Fiesta ST Line, VW Polo R Line и Toyota Yaris GR Sport.
Четири мотори на менито
Покрај сите овие додатоци, Monte Carlo може да се комбинира со четири мотори од опсегот на Fabia, вклучително и природно аспирираниот трицилиндричен 1.0 MPI мотор со 80 КС, турбо 1,0-литарскиот TSI со 95 КС или 110 КС, како и турбо четирицилиндричниот 1.5 TSI кој испорачува 150 КС. Последниот е ексклузивно достапен со седумстепен DSG менувач, а токму оваа комбинација најмногу и прилега на оваа Fabia Monte Carlo изведба, овозможувајќи му на моделот од нула до „стотка“ да забрза за 8 секунди и да достигне максимална брзина од 225 километри на час.
Škoda не ги објави деталите околу цените за Fabia Monte Carlo, но моделот ќе стане достапен во Европа во следните месеци.