Porsche го претстави новиот Macan T
Најпродаваниот модел на Porsche, Macan, добива целосно ново ниво на опременост за 2023 моделската година кое го носи името Macan T
И покрај тоа што Porsche е синоним за спектакуларни спортски автомобили, сепак најпродаваниот автомобил на компанијата од Штутгарт во последните години е SUV моделот Macan. Сега, Porsche лансира и целосно ново ниво на опременост за својот бестселер за 2023 моделската година кое ќе го носи името Macan T.
Од Porsche Macan T го нарекуваат „првиот спортски автомобил со четири врати кој ќе ја носи оваа специјална ознака за брендот“. Оваа ознака „Т“ всушност стои за Touring и значи дека Macan може да ги пронајде своите корени кај 911 Т од 1968 година. Овој спортски автомобил фокусот го ставаше на пргавото управување над чистата моќност, а Macan T, всушност, го ветува истото.
Под хаубата се наоѓа истиот 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор со 261 КС во комбинација со седумстепен PDK менувач кој го има и кај базичниот Macan. И иако овој мотор не е ни одблиску возбудлив како битурбо единицата која ја има кај S и GTS, системот на потпирање кај Macan T всушност ја задржува ДНК-та од овие поекстремни верзии.
Како стандарден дел од опремата, моделот се одликува со Porsche Traction Management (PTM) системот како и базичниот Macan, но со ново програмирање адаптирано за поагилниот T трим. Сега, испраќа поголема моќност на задната оска со цел да му помогне на моделот да забрза во свиоците понаметливо. Исто така го добива Sport Chrono пакетот кој ги вклучува и менувачот за режими и Sport Response копчето на управувачот како стандарден дел од опремата, а од Porsche велат дека забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за околу 6 секунди, додека максималната брзина е 232 километри на час.
Покрај ова, Macan T добива и Active Suspension Management (PASM) систем и ова е голема победа за платформата. Ова отсекогаш важело за импресивна технологија, но Macan T ќе има многу поголема корист од неа, отколку S и GTS бидејќи моторот кај овој модел поради тоа што е помал, тежи 58 киломграми помалку отколку V6. Овој нов трим исто така добива и покрути анти-рол шипки и го нуди Porsche Torque Vectoring Plus софтверот со новопрограмирани адаптации специјално за Macan T.
Секако, секоја единица ќе има свој уникатен трим достапен за време на процесот на купување. Ова вклучува 20-инчни Macan S дизајнерски тркала со темен титаниум, дизајнерски елементи на екстериерот во Agate Grey Metallic, спортски издувни цевки и елементи на прозорците во сјајно црна боја, ексклузивен тапацир со Sport-Tex Stripe шема и декоративни сребрени конци, додека на прагот од вратите се наоѓа и Macan T лого.
Од Porsche истакнуваат дека ќе се најде во продажба наскоро и се очекува неговата цена да биде нешто над базичниот Macan.