Jeep го претстави европскиот Grand Cherokee
Новиот Jeep Grand Cherokee ја доби и својата европска верзија, а на Стариот континент моделот ќе биде достапен исклучиво како plug-in хибрид
Jeep ја покажа европската варијанта на својот SUV Grand Cherokee кој ќе биде достапен исклучиво со 4xe ознаката, а тоа значи дека моделот ќе биде со plug-in хибриден погон и нема да може да се добие во друга верзија. Причината зад оваа одлука се строгите регулативи во Европа кога станува збор за емисиите на штетни гасови. Со ова Grand Cherokee ги следи стапките на Wrangler кој исто така е достапен исклучиво со 4xe ознаката во Европа и се приклучува на остатокот од електрифицираната постава на Jeep.
Grand Cherokee 4xe доаѓа со plug-in хибриден погон кој испорачува вкупно 380 КС и 637 Nm. Погонскиот склоп е составен од турбо 2,0-литарски четирицилиндричен мотор, два електромотори, осумстепен автоматски менувач и 17 kWh батерија. Батеријата нуди целосно електричен опсег на движење од 51 километар во урбани услови на возење.
Новиот член во европската постава на Jeep е опремен со Quadra-Drive II 4×4 системот, Selec-Terrain опцијата на Jeep (Auto, Snow, Sand/Mud, Rock и Sport режими), како и Quadra-Lift воздушен систем на потпирање иако Jeep не разјасни дали овие дополнителни карактеристики ќе бидат достапни во сите нивоа на опременост. Но, затоа компанијата најави Exclusive Launch Edition верзија која е опремена со голем број додатоци.
Grand Cherokee 4xe Exclusive Launch Edition
Визуелно, оваа верзија добива 21-инчни полирани тркала од лесна легура, Full-LED светлечки единици, црн покрив, платинум хромирани акценти во комбинација со четири достапни бои за екстериерот – Diamond Black, Bright White, Velvet Red и Baltic Grey.
Во внатрешноста се наоѓа Palermo кожен тапацир и акценти од орево дрво. Стандардната опрема вклучува и 10-инчен екран на допир со Uconnect 5 инфозабавен систем, 10-инчен дигитален инструмент кластер, 10-инчен head-up екран, дополнителен 10,25-инчен екран за совозачот, седишта со 16 насоки на подесување со лумбарна поддршка и функција за масажа, греење и вентилирање на седиштата за задните патници, четиризонски клима-уред, бежично полнење за телефони, McIntosh аудио систем и LED амбиентално осветлување. Grand Cherokee исто така го добива Active Driving Assist пакетот кој е способен за автономија од второ ниво.
Jeep Grand Cherokee 4xe Exclusive Launch Edition ќе биде достапен за европските купувачи само на одредени пазари, а цените ќе бидат објавени како што ќе се наближува датумот на лансирање.