fbpx

Возевме: Шеста генерација Opel Astra

По онлајн претставувањето кое се одржа кон средината на минатата година, Opel ја одржа и светската премиера на новата генерација на Astra

Патувавме во Португалија за прва средба со новата Astra. Opel отвори ново поглавје во својата историја со претставувањето на новата, шеста генерација на својот бестселер. Дизајнирана, развиена и произведена во седиштето на Opel – за европскиот пазар, Astra за првпат пристигнува со електрифициран погон и со целосно нова платформа, благодарние на што е подготвена за новата автомобилска ера. Откако беше претставена во јули минатата година, а во декември пристигна и караванската изведба, Opel ја организираше светската премиера во Лисабон оваа година, а на истата присуствуваше и редакцијата на Авто Плус.

Дизел, бензин, plug-in хибрид…

Во Лисабон имавме можност подобро да се запознаеме со адутот на германската марка и имавме шанса да ја возиме новата Astra во дизел, бензин и plug-in хибридна верзија. Неколкуте погонски опции се плод на EMP2 платформата на Stellantis. Токму PHEV верзијата е она што ја издвојува новата генерација во однос на нејзиниот претходник, бидејќи Astra за првпат пристигнува со електрифициран погон, а наредната година и целосно електрична. Plug-in хибридниот погон доаѓа со две изведби. Базичниот модел комбинира 1,6-литарски турбо четирицилиндричен бензински мотор од 150 КС и електромотор од 110 КС, што креира вкупна излезна моќност од 180 КС. Помоќната опција го комбинира истиот агрегат, но овојпат има 180 КС, а со електромоторот креира комбинирани 225 КС. Без оглед на верзијата, опсегот на движење на чисто електрична енергија е 60-70 километри благодарение на 12,4 kWh литиум-јонската батерија.

Покрај електрифицираната изведба, тука се и стандардните бензински и дизел варијанти. Базичната верзија доаѓа со 1,2-литарски турбо бензинец со три цилиндри, 110 и 130 КС кој стандардно се добива шестстепен мануелец, а купувачите можат да изберат и осумстепен автоматски менувач. Дизелот е застапен со 1,5-литарскиот агрегат со 130 КС, кој исто така е достапен со мануелен или автоматски менувач, зависно од преференците на купувачите.

Нова дизајнерска филозофија

Во поглед на дизајнот, веќе е познато дека Opel има нова дизајнерска насока која се одликува преку таканаречениот Opel Vizor кој дава една сосема нова слика на брендот од Руселхајм. На предниот дел се наоѓаат Matrix LED фаровите кои се инкорпорирани во сјајно црниот панел, а во браникот се наоѓаат малите светла за магла. Благодарение на промените, Astra добива еден поспортски изглед, но и поголем простор во ентериерот, благодарение на тоа што меѓуоскиното растојание сега е поголемо за 13 милиметри од претходната генерација (2.675 милиметри).

Промени се направени и во кабината каде се наоѓа новиот Pure Panel на Opel. Пред возачот се наоѓа 10-инчниот дигитален инструмент кластер и 10-инчниот инфозабавен екран со Human Machine Interface корисничкиот изглед кој доминира на контролната табла. Новата Astra добива и уникатен трикрак управувач, а како опција купувачите можат да изберат и head-up екран и 360-степена камера.

Новата Astra ќе биде испорачана до првите купувачи оваа пролет. Најпрво ќе пристигне хечбек верзијата, додека Sports Tourer караванската изведба ќе пристигне кратко потоа.
Благодарност за ова патување на регионалниот увозник за Opel, македонската компанија Еуроимпекс, каде и ќе можете да добиете повеќе инфо за моделот, како и кај овластените продавачи Аутомакедонија и АутоЦем.

Поврзани вести

Back to top button