fbpx

Mazda го претстави CX-60, најмоќниот продукциски модел на брендот

Кросовер поставата на Mazda продолжува да се шири, откако марката го претстави новиот CX-60 за европскиот, јапонскиот и австралискиот пазар

Mazda официјално го претстави новиот CX-60, најновиот кросовер во својата постава, кој пристигнува со новата платформа, шестцилиндрични бензински и дизел мотори, како и plug-in хибридна верзија. Иако изгледот делува препознатливо, сепак треба да се напомене дека новиот модел пристигнува со целосно нова архитектура која се одликува со погон на задните или сите четири тркала, позната како Skyactiv Multi Solution Scalable Architecture. Новиот CX-60 е воедно и првиот plug-in хибриден модел на брендот и пристигнува со i-Activ AWD поставка која примарно ги придвижува задните тркала.

Mazda CX-60

CX-60 е нешто поголем во однос на CX-50 моделот кој Mazda го претстави во Северна Америка минатата година, со должина од 4.745 милиметри, ширина од 1.890 и висина од 1.680 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е поставено на 2.870 милиметри.

Екстериерот на CX-60 е базиран на Kodo-Soul of Motion дизајнерската филозофија на Mazda и се одликува со извајана предница со агресивен заден дел. Особено внимание привлекуваат вертикално поставените фарови и дневните светла во форма на L. Купувачите ќе можат да изберат меѓу осум различни бои за надворешноста, а моделот е достапен со 18 и 20-инчни тркала.

Mazda CX-60

Кога станува збор за ентериерот, Mazda го опреми CX-60 со неколку карактеристики кои се уникатни за кросоверот. На пример, тука е TFT-LCD дигиталниот инструмент кластер, 12,3-инчниот инфозабавен екран и големиот head-up екран кој е трипати поголем од оној кај CX-30. Тука исто така се наоѓа и интригантниот Driver Personalisation System кој инкорпорира водич за автоматска возачка позиција која користи камера за да ја детектира позицијата на очите на возачот и податоците за неговата висина со цел автоматски да го подеси седиштето, управувачот, head-up екранот и ретровизорите во совршена позиција. Багажниот капацитет кај CX-60 е 570 литри, а бројката се искачува до 1.148 кога задната клупа е преклопена.

Mazda CX-60

Три моторни опции за Европа

Mazda ќе го понуди новиот CX-60 со три опции за моторот во Европа. Првиот од нив е и првиот plug-in хибрид на компанијата. Овој погонски склоп комбинира модифицирана верзија на постоечкиот 2,5-литарски SkyActiv-G четирицилиндричен бензински мотор со електромотор и 17,8 kWh литиум-јонска батерија. Бензинецот испорачува 191 КС при 6.000 вртежи во минута и 261 Nm максимален вртежен момент, додека електромоторот додава дополнителни 135 КС и 250 Nm што резултира со вкупни 327 КС и 500 Nm, што го прави CX-60 најмоќниот патнички автомобил кој Mazda некогаш го има произведено.

Јапонскиот производител вели дека оваа варијанта од нула до „стотка“ може да стигне за 5,8 секунди, додека максималната брзина е 200 километри на час. Во целосно електричен режим, кросоверот може да помине 60 километри, а батеријата може да се наполни за четири часа преку нормално AC полнење. Комбинираната потрошувачка изнесува само 1,5 литри на 100 километри со 18-инчните тркала, односно 1,6 литри на 100 километри со поголемите, 20-инчни тркала.

Втората погонска опција е сочинета од 3,0-литарскиот шестцилиндричен e-SkyActiv X бензинец кој добива 48-волтен благ-хибриден систем. Mazda исто така ќе го продава CX-60 со 3,3-литарски e-SkyActive D дизел шестцилиндричен агрегат, со истата блага-хибридна технологија. Перформансните податоци за овие варијанти не се објавени.

Нов менувач

Сите модели ќе добијат нов осумстепен автоматски менувач кој се одликува со Multi-Plate спојка и интегриран мотор-генератор кој го заменува традиционалниот конвертор на максималниот вртежен момент. Како стандард пристигнува и i-Activ системот за погон на сите четири тркала.

Mazda CX-60

Mazda ќе го продава новиот CX-60 во Германија во Prime, Exclusive, Homura и Takumi нивоа на опременост, а цените варираат од 47.390 до 52.890 евра. По CX-60, Mazda ќе го понуди и поголемиот CX-80 за Европа кој ќе пристигне за две години.

Поврзани вести

Back to top button