fbpx

BMW со тизери се загрева за премиерата на новиот i7

BMW објави сет на тизер фотографии за престојниот i7, притоа потврдувајќи дека премиерата ќе се одржи во текот на април

Целосно електричниот луксузен седан на BMW, моделот i7, ќе биде претставен во април, потврди баварската компанија, а заедно со него ќе биде претставена и целиот опсег на новата генерација на Серија 7. Како дел од најавата, BMW откри и сет на тизер фотографии кои го најавуваат изгледот на знаменосецот во поставата.

Почнувајќи со дизајнот, не може а да не се забележи осветлената решетка која покрива голем дел од предниот браник и делува дека не е целосно затворена, како што може да се очекува кај еден ЕВ. Популарните „бубрези“, исто како и кај XM, се опклолени со тенки LED светла од кристално стакло и втор пар на светлечки единици под нив, потврдувајќи го дводелниот дизајн на фаровите.

BMW го опишува i7 како „првиот целосно електричен луксузен седан на светот“, што е технички точно, бидејќи најголемиот ривал на овој модел, Mercedes-Benz EQS, е практично хечбек.

Фокусот во кабината кон патниците на задната клупа

Покрај фотографиите од екстериерот, добиваме и мал увид во внатрешноста. Најголемата новост тука е BMW Theatre Screen, ултра широкиот 31-инчен екран за патниците на задната клупа кој се извлекува од покривот, креирајќи приватно кино искуство во движење. Ова е поинаков пристап во однос на 56-инчниот Hyperscreen кај EQS, бидејќи BMW повеќе се насочува кон патниците на задната клупа. Впрочем, кај ваквите автомобили во најголем дел од случаите најважно е кој се вози позади, а не кој управува со возилото. BMW Theatre Screen не е само резервиран за i7, со оглед на тоа дека производителот потврди дека ќе биде поставен во останатите модели кои се на врвот на понудата.

Треба да се истакне и BMW Curved Display кој се наоѓа на контролата табла заедно со најновата генерација на iDrive инфозабавата и BMW Interaction Bar. Кај последниот станува збор за „нов тип на на светлечка и функционална лента“ на инструменталниот панел и вратите кој овозможува „визуелен и хептички квалитет“. Новиот i7 исто така ќе биде опремен со Sky Lounge панорамски стаклен покрив со LED светла. На крајот, возчаот ќе има пристап до новта My Modes карактеристика која дава пристап до различни возачки режими притоа менувајќи го амбиентот во ентериерот зависно од тоа.

Баварскиот производител не откри детали за електричниот погон, но го откри опсегот на движење. Според нив, седанот ќе понуди автономија меѓу 580 и 610 километри, а потрошувачката изнесува 19,7 – 18,9 kWh на 100 километри. Според последните извештаи, BMW i7 ќe има 120 kWh батерија, додека високоперформансната варијанта се шпекулира дека ќе добие поставка со три електромотори кои заедно ќе испорачуваат 750 КС.

Поврзани вести

Back to top button