fbpx

Porsche го потврди електричниот 718, 911 станува хибрид

Годишната прес-конференција на Porsche беше исполнета со голем број на важни најави, меѓу кои и оние за електричниот 718 и хибридниот 911

Извршниот директор на Porsche, Оливер Блуме, за време на годишната прес-конференција ги откри големите планови на германскиот производител за иднината. Од Porsche одново потврдија дека 911 Hybrid ќе пристигне наскоро и ќе биде комплетиран со технологија адаптирана од 919 Hybrid победничкиот автомобил на 24 часа Ле Ман. Покрај ова, потврдено е дека замената за 718 Boxster/Cayman ќе пристигне во 2025 година. Ова се клучните елементи за уште поголема електрификација на брендот.

Помалиот спортски автомобил од Цуфенхаузен се уште се споменува како автомобил со средишно поставен мотор, но наместо конвенционална единица со внатрешно согорување, од 2025 година меѓу двете оски ќе се најде батерија. Третиот електричен модел од Porsche по Taycan и престојниот Macan, ќе биде поставен на новата Premium Platform Electric платформа, која е заеднички развиена со Audi.

Porsche веќе јасно потврди дека е прашање на време кога 718 ќе ги отфрли бензинските мотори, а на Салонот во Минхен минатата година го претстави Mission R концептниот автомобил. Продукциската верзија нема да биде толку радикална, па не е реално да се очекува моќност од 1.000 КС колку што имаше и овој концепт.

Иако Mission R беше базиран на шасијата на Cayman, продукцискиот модел ќе биде целосно одново развиен, без да споделува делови од својот конвенционален претходник. Причина за тоа е дека користењето на старите елементи ќе бара премногу компромиси, вели Оливер Блуме. Тој истакна дека некои модули ќе бидат споделени со други возила, но платформата сама по себе ќе биде посебна.

911 Hybrid

Porsche долги години најавува производство на хибридна верзија на 911, а Блуме потврди дека тоа се уште е план на компанијата. Целосно електрична варијанта на легендарниот спортски автомобил на брендот нема да пристигне до 2030, но делумно електрифицираната верзија ќе пристигне набрзо. За време на годишната прес-конференција, извршниот директор на Porsche откри дел од прелиминарните детали.

Главната новост е типот на хибриден погон кој ќе се користи, а Блуме спомена дека Porsche ќе примени поставка која нема да биде plug-in хибрид. Со други зборови, сопствениците нема да мораат да губат време со полнење на батеријата. Оваа одлука укажува на тоа дека првиот 911 опремен со електромотор ќе користи мала батерија со цел да се задржи тежината на минимум. Во случај да биде plug-in хибрид, автомобилот би бил далеку потежок, а ќе предизвика проблеми и при конечното пакување.

Блуме го опиша автомобилот како „спортски хибрид“, сугерирајќи дека електричната компонента ќе биде опремена кон перформансите отколку кон ефикасноста. Секако, главната причина поради која Porsche се насочува кон хибридизацијата е да се пресретнат се построгите регулативи за емисии. Дополнителната моќност добиена преку електромоторот предизвикува „вин-вин“ ситуација за германскиот производител.

Оливер Блуме истакна дека 911 Hybrid ќе ги искористи технологиите на 919 Hybrid тркачкиот автомобил кој триумфираше на Ле Ман. Запрашан за тоа дали GT3 некогаш ќе биде хибридизиран, првиот човек на компанијата истакна дека компанијата подготвува неколку „изненадувања“ за своите модели наменети за патеките.

80% од продажбата до 2030 ќе биде од електрични возила

За време на годишната медиумска конференција од Porsche ја истакнаа својата проценка дека половина од своите годишни продажби ќе доаѓаат од хибридите и електричните автомобили кон средината на деценијава. До 2030, уделот на електрични автомобили во продажбата ќе се зголеми на 80 проценти. За да стигне до таму, Taycan ќе добие друштво во ликот и делото на новиот електричен Macan во 2023, а по него ќе следува 718 Boxster/Cayman во 2025.

За да ги поддржи своите планови, Blume потврди дека Porsche ќе гради сопствена инфраструктура за полнење, која ќе оди рамо до рамо со тековните партнерства со мрежи за полнење од трети страни. Дали Porsche ќе ја гради својата комерцијална мрежа за брзо полнење на DC, сè уште не е дефинирано во овој момент, но јасно е дека офанзивата на ЕВ ќе биде и за трети компании и за сопствената идна мрежа на компанијата.

Покрај полначките станици, Porsche претходно го најави формирањето на Cellforce Group. Новоформираната компанија ќе биде задолжена за развој и производство на високоперформансни батериски ќелии за производителот. Производството ќе започне до 2024 со иницијален капацитет од барем 100 MWh на годишно ниво, или околу 100 kWh по возило.

Во Porsche, намалувањето на емисиите не се врти единствено околу хибридите и електричните автомобили, со оглед на тоа дека компанијата ја нагласи својата посветеност да продолжи да ги развива синтетичките горива. Според идеалните и оптимистички најави, ваквиот тип на горива ќе ги спаси моторите на внатрешно согорувања или барем ќе го продолжи нивниот живот.

 

Поврзани вести

Back to top button