fbpx

Новата генерација на Škoda Fabia дебитира во Македонија

По официјалната премиера во текот на минатата година, новата генерација на Škoda Fabia сега пристигна и на македонскиот пазар

Во споредба со својот претходник, новата Fabia драстично се разликува во секој поглед. Како што може да се очекува од Škoda, новата Fabia e поголема од своите „браќа“ од Volkswagen групацијата, со што се добива поголема пространост во ентериерот и врвна практичност.

Дваесет и две години по првото деби на Škoda Fabia, импортерот за чешкиот бренд Порше Македонија официјално ја претстави четвртата генерација на популарното градско возило.

Поставена на модуларната платформа MQB-A0 на Volkswagen групацијата, новата Fabia се одликува со најголема пространост во ентериерот во однос на конкуренцијата, а карактеристично за Škoda – вклучува бројни функционалности, како и напредни системи за безбедност.

Skoda Fabia

„Fabia е составен дел од нашето портфолио повеќе од 20 години и ги отелотворува основните вредности на нашиот бренд како никој друг модел. Најновата генерација има сè што е потребно за беспрекорно да се надоврзе на успехот на своите претходници. Нуди повеќе простор од неговите конкуренти, совршена поврзаност, напредни системи за безбедност и емотивен дизајн – со други зборови, се што ви треба, и малку повеќе“, изјави бренд менаџерот на Škoda г-дин Миле Станчев.

Без конкуренција во сегментот

Дополнителен адут на новата Fabia е багажникот кој и претходно со своите 330 литри веќе беше најголем во сегментот. Со четвртата генерација, малиот хечбек доби дополнителни 50 литри до капацитет од 380 литри. Со преклопување на задните седишта, капацитетот на багажникот може да се зголеми на 1,190 литри. Бидејќи се заснова на MQB-A0, новата Fabia сега може да се пофали и со многу системи за помош кои претходно беа резервирани за возила од повисоко ниво. Во комбинација со уште поцврстото тело, малиот автомобил нуди одлична активна и пасивна безбедност.

Skoda Fabia

Предните светла со остри линии, како и задните светла со модерна LED технологија и кристални структури, го истакнуваат динамичниот изглед. Редизајнираниот ентериер се одликува со симетрична табла со централен дисплеј, опционална група на дигитални инструменти и хоризонтални украсни ленти.

Во Македонија достапни ќе бидат нивоата на опременост Active, Ambition и Style во комбинација со два бензински мотори од сегашната генерација EVO на групацијата Volkswagen кои испорачуваат моќност во опсег од 65 КС до 80 КС. Со коефициент на воздушен отпор 0,28, Fabia е најаеродинамичен автомобил во својот сегмент.

Skoda Fabia

Повеќе простор, поголем комфор и многу технологија

Ентериерот е целосно редизајниран во однос на претходникот и својата инспирација ја влече од моделите Scala и Kamiq. Визуелно, се карактеризира со централен инфозабавен систем до 9,2 инчи. Покрај најсовремените системи за инфозабава, кај Fabia за прв пат може да се вгради и 10,25-инчна дигитална инструмент табла. Меѓу останатите додатоци кои Fabia ги добива за прв пат е двозонскиот клима-уред, греењето на управувачот, греењето на предното стакло, LED амбиентално осветлување и централни отвори за вентилација за задните седишта. Исто така, патниците на задната клупа добиваат и потпирач за рака, нешто што е вистинска реткост во компетитивниот B сегмент.

Skoda Fabia

Во чекор со иднината

Škoda вложи и сериозни напори во подобрување на безбедноста на новата Fabia. Така, за првпат кај малиот хечбек се наоѓа напредната верзија на Travel Assist системот кој нуди автоматска поддршка со лонгитудинално и латерално управување на возилото. Travel Assist се активира едноставно и комбинира неколку системи за асистенција. При брзина до 210 километри на час, адаптивниот темпомат ја приспособува брзината со возилото пред вас, Lane Asssist системот ја одржува Fabia во средина на коловозната лента. Fabia исто така активно помага при паркирање. Park Assist системот работи на брзини до 40 км/ч и бара соодветно паралелно или стандардно паркинг место, кое откако ќе биде пронајдено, возачот единствено ракува со педалите, додека управувањето се контролира автоматски.

Пониска потрошувачка, поголем досег

Во моментот во понудата на достапни се два бензински агрегати во четвртата генерација на Škoda Fabia. Најновите EVO мотори на групацијата Volkswagen кои се достапни во Fabia, се во согласност со строгиот стандард за емисии Euro 6 AP. Излезната моќност се движи од 65 КС до 80 КС. Купувачите, зависно од моторот, ќе можат да бираат меѓу шестстепен мануелец и седумстепен DSG менувач со двојна спојка.

Како што е познато од претходно, дизел моторите ќе ги нема во понудата, но исто така изостануваат и електрифицираните погони. Добрата страна е што сите бензински агрегати се дел од Evo семејството. Благодарение на ова, потрошувачката се намалува за 0,2 литри на 100 километри при константна брзина од 120 километри на час. Аеродинамичните тркала исто така ја играат својата улога со цел да се максимизира користењето на горивото.

Simply Clever

Со комплетно нови функционални карактеристики, чешкиот производител на автомобили ја продолжува својата традиција на Simply Clever решенија во четвртата генерација на Fabia. Во зависност од спецификацијата, новата Škoda Fabia нуди вкупно до 43 практични детали што го прават возилото полесно за употреба во секојдневниот живот.

Дел од новите Simply Clever решенија кај Fabia се и преклопувачкото совозачко седиште, двата џеба за смартфон на задниот дел од предните седишта, мултифункционална остава за работи, USB-C приклучок на ретровизорот, отстранувачки држач за чаши, држач за картички и монети во отворот на фиоката пред совозачот и многу други елементи.

Новата Fabia е достапна во сите овластени продажно-сервисни центри на Škoda во Македонија, со почетна цена од 14.500 евра. За повеќе информации можете да го посетите и официјалниот сајт.

Поврзани вести

Back to top button