fbpx

AMG SL43 дебитира со четирицилиндерски мотор и F1 технологија

Mercedes-AMG го додава влезниот модел во поставата на SL, претставувајќи го новиот SL43 кој пристигнува со четирицилиндерски мотор кој користи F1 технологија

Речиси шест децении откако последниот SL со четирицилиндерски мотор се симна од производствената лента во 1963 година, Mercedes одново го враќа истиот агрегат во поставата на SL вграден во ликот и делото на AMG SL43.

По претставувањето на SL55 4Matic+ и SL63 4Matic+ кои доаѓаат со битурбо 4,0-литарски V8 кои испорачуваат 470, односно 477 КС, SL43 го презема местото како почетен модел во поставата на овој модел. Иако пристигнува со двојно помал мотор од своите „роднини“, со турбо четирицилиндерски агрегат наместо битурбо V8, сепак тука не станува збор за обичен мотор со четири цилиндри. Ниту пак моќноста е драстично помала во однос на поголемите верзии.

Mercedes-AMG SL43

За напојувањето на базичниот SL е задолжена новата варијанта на AMG 2,0-литарскиот четирицилиндерски M139 мотор кој користи електричен турбо полнач, технологија од болидите во Formula 1, за која Mercedes вели дека е прв од ваков вид кај продукциски автомобил. Турбо полначот функционира преку 48-волтен електричен систем кој го храни стартер-генераторот од втората генерација (RSG). Покрај тоа што овозможува привремено зголемување на моќноста, системот исто така работи како благ хибрид овозможувајќи крстаречки режим и рекуперација на енергијата за зголемена ефикасност.

Оваа 2,0-литарска единица која е поставена надолжно кај SL43 испорачува 381 КС и 480 Nm максимален вртежен момент, како и дополнителни краткорочни 14 КС од RSG во одредени возачки ситуации.

Исти поволности како и поскапите верзии

Деветстепениот MCT автоматски менувач на AMG ги придвижува задните тркала, а германската компанија тврди дека забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 4,9 секунди, а максималната брзина изнесува 275 километри на час.

Покрај ова, базичната верзија на роудстерот пристигнува стандардно опремен со AMG Ride Control челичниот систем на потпирање и AMG Dynamic Select систем со пет возачки режими, или шест ако се одлучите за AMD Dynamics Plus пакетот кој го додава Race режимот на веќе постоечките Slippery, Comfort, Sport, Sport+ и Individual. Опционалниот Plus пакект додава и 10 милиметри спуштена суспензија, електронски контролиран заден диференцијал со ограничено пролизгување и жолти шапи на сопирачките.

Mercedes-AMG SL43

Покрај SL43, Mercedes-AMG работи и на plug-in хибридна варијанта која би требало да се нарекува SL63 E-Performance која ќе го има истиот погон како и AMG GT63 E Performance која комбинира битурбо 4,0-литарски V8 со електромотор кој испорачува масивни 842 КС и 1.400 Nm.

Поврзани вести

Back to top button