Премиера за RZ 450e, првиот Lexus на e-TNGA платформата
Lexus премиерно го претстави новиот RZ, првиот продукциски модел на брендот кој е базиран на e-TNGA платформата наменета за електрични автомобили
Lexus RZ е кросовер кој е полуксузен брат на Toyota bZ4x, но пристигнува со нешто поразличен изглед на каросеријата, премиум карактеристики, како и многу помоќен погон на сите четири тркала.
И додека пропорциите делуваат мошне слично со оние кои ги има Toyota bZ4X, сите каросериски панели кај овој Lexus се нови и му даваат нешто поаеродинамична силуета и извајан изглед.
Ова е позабележително на задниот дел со високо поставените LED светла, наваленото задно стакло, интегрираниот мал спојлер и вентилациските отвори на браникот. Друга нова дизајнерска карактеристика претставена со RZ е покриената прешетка, а нејзината форма е акцентирана со двобојната спецификација и црната хауба.
Премиум перформанси
Она што е најважно, RZ пристигнува стандардно со два електромотори, од кои предниот испорачува 204 КС, а задниот 109 КС, за вкупна системска моќност од 313 КС и 435 Nm вртежен момент. Моделот исто така е првиот кој пристигнува со новиот Direct4 контрола за погон на сите четири тркала на Lexus. Електронскиот систем може да ја промени дистрибуцијата на вртежниот момент на предната и задната е-оска од 0 до 100 проценти за само неколку милисекунди.
Моќноста е значително поголема во однос на bZ4x кој испорачува 218 КС, а со тоа се оправдува премиум позиционирањето на Lexus RZ. Како резултат на ова, електричниот кросовер од нула до „стотка“ забрзува за 5,6 секунди. Сепак, како и кај повеќето електрични возила, максималната брзина е ограничена на 160 километри на час.
Според проценките на Lexus, 71,4 kWh литиум-јонската батерија ќе понуди околу 450 километри опсег на движење и потрошувачка на енергија под 18 киловати на 100 километри.
Премиум финиш во кабината
Во ентериерот, особено се истакнува еволуцијата на Lexus Tazuna дигиталниот кокпит кој пристигнува со компактен инструмент кластер и голем 14-инчен екран на допир за инфозабавата на навалената централна конзола. Опционалниот One-Motion Grip управувач со изглед на јарем е овозможен благодарение на steer-by-wire технологијата.
Кабината е изработена со премиум материјали и се одликува со амбиентално осветлување со луксузна шема на панелите од вратите и опционален самозатемнувачки панорамски сончев покрив кој придонесува за заштита на енергијата.
Безбедносната опрема вклучува Lexus Safety System+ 3.0 пакетот со софистицирани системи за безбедност и асистенција, вклучително Pre-Collision системот и Dynamic Radar темпомат кои добиваат повратни информации од опционалниот возачки систем за мониторирање. Во Европа, RZ исто така ќе го добие и Proactive Driving Assist, кој го прилагодува управувањето базирано на напред поставената камера која го чита аголот на престојните свиоци. На крајот, e-Latch системот за ослободување на електронската врата нема да им дозволи на патниците да излезат доколку се наближува возило или велосипед.
Lexus RZ450e е веќе достапен за онлајн резервации, а цените допрва треба да бидат официјално објавени.