Formula E го покажа новиот болид, помоќен и полесен од претходно
Formula E го претстави својот болид од третата генерација кој тимовите во ова натпреварување ќе го користат од следната година
Новиот болид на Formula E и официјално ја доживеа својата премиера, а раководството на ова натпреварување вели дека ова е најбрзиот тркачки автомобил во историјата на Formula E со способност да достигне брзина од 322 километри на час.
Со нов аголен дизајн кој е помал во сите насоки во однос на актуелниот болид, се очекува возилото да стане поспособно за трки во поблиски услови на тесните патеки како што е онаа во Монако.
„Монако е духовниот дом на мотоспортот и не постои подобро место за претставување на нашиот Gen3 тркачки автомобил. Gen3 ги нарушува и предизвикува конвенциите на мотоспоротот, поставувајќи мерила за перформанси, ефикасност и одржливост без компромиси“, изјави Џејми Рајгл, извршниот директор на Formula E.
Подобри перформанси од досега
Со цел да достигне брзини од 322 километри на час, новиот Gen3 болид добива нов електромотор кој може да испорача 476 КС. Покрај дополнителната моќност, тој исто така тежи само 840 килограми, 60 килограми помалку од актуелниот модел.
Тоа е овозможено благодарение на помалите батерии кои се овозможени со подобрена регенерација на енергијата. Повеќе ги нема хидрауличните задни сопирачки, кои во целост се заменети од регенеративни сопирачки. Ова е воедно и првиот болид од Formula E со преден погон од 250 kW, кој во комбинација со задната 350 kW единица, ја зголемува регенеративната способност на вкупни 600 kW. Formula E тврди дека околу 40 проценти од енергијата која се користи во трките ќе биде генерирана само со сопирање.
Софтверските решенија ќе бидат клучни
Formula Е додава дека, за разлика од другите форми на моторспорт, софтверското инженерство ќе биде новото развојно бојно поле за тимовите. Надградбите на перформансите на автомобилите Gen3 ќе бидат испорачани како ажурирања на софтверот и поставени на напредниот оперативен систем вграден во нив.
„И технолошки и еколошки, Gen3 поставува нови стандарди во спортот. Развојните тимови на ФИА и Формула Е направија одлична работа и им благодарам за нивната напорна работа на овој проект. Воодушевен сум што гледам толку многу водечки производители кои веќе се пријавија за следната ера на шампионатот и го чекаат натпреварувачкото деби на Gen3 во сезона 9 со големо исчекување“.
Навистина, Formula Е вели дека нејзината нова батерија е направена од материјали со одржливи извори и ќе се рециклира на крајот од нејзиниот корисен век. Болидите Gen3 се направени од рециклиран карбон, што им помогна да го намалат нивниот карбонски отпечаток за 10 проценти.
Новиот болид на Formula Е ќе се трка следната година во деветтато издание на „електричната Формула“. Седум производители на автомобили веќе се пријавија да се натпреваруваат, вклучувајќи ги DS Automobiles, Jaguar, Mahindra Racing, Maserati, NIO 333, Nissan и Porsche AG.
„Gen3 ја претставува амбициозната трета доба на Formula Е и Светскиот шампионат на АББ ФИА во Formula Е. Очите на светот се насочени кон трката во Монако и со гордост ви го откриваме болидот кој веќе две години се создава во историскиот дом на мотоспортот. Мојата благодарност оди до одличниот тим зад него во Formula Е и ФИА – иднината на целосно електричните трки е светла“, рече Алехандро Агаг, основачот и претседател на ова натпреварување.