fbpx

Ford го претстави E-Transit Custom

Електрификациската офанзива на Ford продолжува и понатаму, правејќи голем чекор со претставувањето на целосно новиот и електричен E-Transit Custom

Ford E-Transit Custom е целосно електричниот наследник на европскиот бестселер кога станува збор за комерцијалните возила, а „Синиот овал“ се потруди да направи производ кој со своите дизајнерски карактеристики ги поместува границите во сегментот каде што стајлингот никогаш не бил во прв план.

Одважниот дизајн инстантно отскокнува во однос на конкуренцијата со оглед на тоа дека комбето има експресивен лик со нагласена решетка, околу чии страни се наоѓаат LED фаровите кои се споени преку светлечка лента. Изгледот е нагласен и преку извајаниот браник и портот за полнење на предната страна.

Остатокот од комбето е поконвенционален, а забележливо е и поголемото меѓуоскино растојание, течната линија на рамената на возилото и изразените сводови над тркалата. Модерниот стил продолжува и на задниот дел каде се наоѓаат стилските LED задни светла и покласичниот заден крај со двојни врати.

Ford засега ги држи спецификациите во тајност, но тврди дека E-Transit Custom е поставен на „бескомпромисна целосно електрична архитектура“ и е таргетиран да има опсег на движење од 380 километри. Останува и да се види дали моделот ќе ја користи истата 68 kWh батерија како E-Transit. Комбето исто така поседува DC брзополначки способности, способност за влечење и ProPower Onboard технологија како F-150 Lightning. Ова ќе им овозможи на корисниците да го користат комбето како подвижен генератор за напојување на светла, алати и останата опрема.

Ford E-Transit Custom

Пристигнува во 2023

Според одредени информации, E-Transit Custom би можел да добие брзополначки способности до 115 kW како и „обичниот“ E-Transit, а Ford Pro наводно ќе го продава комбето со истите електромотори како кај E-Transit. Двата се поставени на задната оска и генерираат 181 и 265 КС како и 431 Nm, а тоа ќе биде доволно за максимална брзина од 137 километри на час.

Ford E-Transit Custom

Од Ford истакнуваат дека E-Transit Custom е дизајниран за да постави нов репер во сегментот и да им помогне на бизнисите во регионот без проблеми да направат промена кон електричните возила. Моделот ќе биде поддржан од Ford Pro софтверот, со решенија за полнење, сервисирање и финансирање преку една сеопфатна платформа за да се зголеми времето на работа и да се намалат оперативните трошоци.

Ford најави повеќе детали за новиот E-Transit Custom во септември пред да започне производството во Турција во втората половина на 2023.

Поврзани вести

Back to top button