fbpx

Тест Toyota Aygo X: Урбан самурај

Мал е бројот на автомобилски производители кои сè уште се залагаат за производство на автомобили од А-сегментот, како еден од нив Toyota реши на европските купувачи да им понуди комплетно нова визија на „компактен урбан кросовер“ наречен Aygo X.

Во 2017 година, претседателот на Toyota, Акио Тојода, истакна дека компанијата „повеќе нема да создава досадни автомобили“. Резултатите од изјавата наскоро почнаа да се спроведуваат и во пракса, во гамата се воведени повозбудливи автомобили од типот на GR Supra и GR Yaris, додека мејнстрим моделите како Yaris, Corolla и RAV4 станаа многу попривлечни и со далеку повеќе изразен карактер. Сега Toyota го насочува своето внимание кон својот најмал автомобил. Претходните 2 генерации на Toyota Aygo беа изградени во соработка со PSA, кои ги пласираа истите мали, весели градски автомобили како Peugeot 108 и Citroen C1. Овој пат јапонците продолжуваат сами во креирањето, повеќе нема француски верзии на новиот Aygo X. Всушност, повеќе нема „обичен“ мал градски автомобил со име Aygo, без широки пластични облоги што е поставен пониско до асфалтот. Затоа ако сакате да ja набавите најмалата Toyota, таа единствено може да биде спакувана како урбан кросовер пакет!

Полн со самодоверба

Уште од првиот момент кога од блиску се сретнавме со Aygo X ни остави впечаток дека јапонците завршиле одлична работа во неговото обликување. Со градски автомобил кој вообичаено е наменет за помладата публика, половина од битката за постигнување успех се заснована на привлечноста, а Аygo X го има тоа на претек. Особено во тестираната конфигурација која што доаѓаат со би-тон комбинација, што значи дека црната контрастна „рамка“ на каросеријата му дава на автомобилот вонсериски изглед. Сосема јасно е дека во креирањето на новата Toyota дизајнерите имале максимална слобода на изразување што на малиот урбан воин му дава самоуверен и на моменти дрзок изглед. Димензиски е поголем од предходникот, базиран на сопствената GA-B платформа на која исто така се поставени Yaris и Yaris Cross, неговата должина расте до 3.700 мм, поширок е за 125 мм, а меѓуоскиното растојание е зголемено за 90 мм. Тестираниот примерок доаѓа стандардно со тркала од лесна легура и 18 инчи, што придонесува за посуштински изглед кој јасно црпи инспирација од поголемите кросовери. Лаковите на тркалата се обложени со пластика за да го нагласи тој, толку посакуван и трендовски карактер на SUV возило. Ретко кога со мал, урбан автомобил сме забележиле дека привлекуваме толку многу внимание низ градскиот сообраќај, токму затоа велиме дека Aygo X е вистински победник и во нашите очи.

Toyota Aygo X Тест

Мета на младата популација

Дизајнот на ентериерот е насочен кон помладата популација, па затоа користените облици и комбинираните бои се посмели и поистакнати со што е создаден атрактивен и „фанки“ амбиент. Да, скоро сите елементи се изведени од тврда пластика, но тоа не е ништо ново, такви се во секој градски автомобил. Кога станува збор за простор на предниот дел тој е сосема во ред, но на задната клупа е сепак малку потесна, што значи дека превоз на четири возрасни лица е препорачлив само на пократки релации(иако Скопје-Гевгелија не беше страшно патување). Тоа е данок кој мора да се плати и доаѓа како лимит од физичките габарити, истото подеднакво важи за сите модели од овој сегмент.Toyota Aygo X Тест

Багажниот простор е со зафатнина од 231 литри, што е доволно за неделен шопинг во супер макет, а ако посакате да транспортирате нешто покрупно, со соборување на задната клупа се добиваат и не така мали 829 литри. Во делот на напредните решенија компанијата ги испочитувала тековните трендовите кои се сé поприсутни во автомобилскиот свет. Какви што се барањата на младите, урбани номади таква е и технологијата која ја користи Aygo X. Затоа фокусот е ставен на 9-инчниот екран на допир со Toyota Smart Connect што е одговорен за инфозабавниот систем и овозможува поврзување со „клауд“ навигација.

Весела дружина

Што се однесува до изборот на моторизацијата, тука нема многу за размислување кај Aygo X. Постои само една моторна опција, а тоа е познатиот VVT-i 1.0-литарски, 3-цилиндричен, нормално аспириран бензински агрегат кој што се користеше во Aygo и предходно. Ова значи дека на располагање имате 72 КС при 6.000 вртежи во минута и 93 Nm влечна сила што се испорачува при 4.400 вртежи во минута. Од малиот агрегат не очекувајте да распали како огномет, и максималната брзина изнесува 151 км/ч., а од место на мирување до 100 км/ч на час се потребни 14,9 секунди, така што не е брз во однос на стоперката, но во реалност автомобилот не се чувствува бавен, бидејќи рескиот звук што го создава агрегатот додека се движи кон повисоки вртежи создава слика на среќен и шармантен автомобил. Дури и автоматскиот Ѕ-CVT менувач во град работи подобро отколку што може да претпоставите.

Toyota Aygo X Тест

Малата потрошувачка е одлика на оваа конфигурација, затоа во реални услови за секои 100 урбани километри ќе ви бидат потребни околу 5,5 литри од 95 октанското гориво, податок кој одскокнува од фабрички декларираниот за само 0,6 литри. Бидејќи е предвиден за употреба во градски услови спретното маневрирање е еден од клучните услови, а тоа е добиено со малиот круг на свртување од само 9,50 метри. Градскиот метеж е неговото секојдневие каде што се справува одлично со истрошените улици полни со дупки, она што најмногу изненадува е одличното возење на отворен пат. Моделот Aygo X се покажа импресивено за својата класа, неговата високо поставена положба, соодветно калибрираната суспензија и релативно тивката кабина ве тера да заборавите дека возите мал автомобил.

Модерно стилизиран и полн со карактер, подготвен секојдневно да се справува со асфалтот во урбаната џунгла, Aygo X преставува одлична алтернатива за урбан транспорт во големите метрополи.

Цена на тестираниот модел: 18.690 евра

Технички спецификации за Toyota Aygo X 1.0 Envy CVT
Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 998 cm3
пречник и од 71.0 x 84.0 mm
степен на компресија 11.8:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ 72 KС (53 kW) при 6.000 min/-1
макс. вртежен момент 93 Nm при 4.400 min-1
Трансмисија на предни тркала преку безстепен CVT автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред  самовентилирачки дискови назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 175/60 R18
Каросерија Crossover со  пет  врати, четири седишта
должина х ширина х висина 3.700 x 1.740x 1.525 mm
меѓуоскино растојание 2.430 mm
траги (напред/назад) 1.540/1.520 mm
Тежина 940 kg
максимална тежина 1.360 kg
Багажник 231/829 литри
Резервоар 35 литри
максимална брзина 151 km/h
забрзување 0-100 km/h 15,5 секунди
просечна потрошувачка 4,9 l/100 km
емисија на CO2 110 g/km

 

Toyota Aygo X во Македонија
Toyota Aygo X 1.0 М5 Joy 13.490 евра
Toyota Aygo X 1.0 М5 Play 13.990 евра
Toyota Aygo X 1.0 CVT Play 15.190 евра
Toyota Aygo X 1.0 M5 Pulse 15.290 евра
Toyota Aygo X 1.0 CVT Pulse 16.490 евра
Toyota Aygo X 1.0 VT Envy 18.690 евра

Повеќе информации во Тојота Авто Центар или на 02/ 30 88 880

Конкуренти
Suzuki Ignis oд 14.990 до 18.900 евра
Hyundai i10 oд 12.500 до 16.000 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ.

Поврзани вести

Back to top button