Тест Škoda Fabia: Кристално јасна цел
Полн со квалитети, а секогаш притаен играч кој доаѓа од позадина. Моделот Fabia во новата генерација носи многу повеќе од било кој друг конкурент во сегментот, сé со цел да се искачи повиско на скалата и конечно да го добие одамна заслуженото место во класата.
Од своето деби во 1999 година, па сé до преставувањето на четвртата генерација, за моделот Fabia се одлучиле повеќе од 4,5 милиони купувачи. Компанијата Škoda добро знае дека нејзините клиенти во овој сегмент кои се водени од разумот, а не од срцето, затоа во својата нова генерација на Fabia не ја менува драстично својата филозофија за создавање на практичен и лесен за секојдневна употреба хечбек модел.
Ново издание на добро утврдена тема
Надворешниот стил на новата Fabia доаѓа во новообликувана и софистицирана форма, дополнително на располагање е широка комбинација на опции, а моделот може да се нарача и со контрастни бои на покривот. Голем дел од стилот на Fabia е дизајниран да го оптимизира струењето на воздухот. Предниот дел на новата Fabia изгледа малку позатегнат и поспортски, стандардните LED предни светлосни групи се тесни и се протегаат сè до решетката на ладилникот. На долниот дел од браникот е поставен доводот на воздух со решетки кои по потреба се отвораат или затвораат во зависност кога на моторот му треба ладење, што ја подобрува аеродинамиката и ја намалува потрошувачката на гориво.
Слично на поголемите модели на Škoda, на профилот од каросеријата се истакнуваат остри набори и прецизно повлечени линии. Спојлерот над задното стакло е уште еден клучен елемент кој дополнително ја зголемуваат аеродинамиката. На вратата од багажниот простор логото на марката го отстапува местото за името на моделот што е гордо изпишано на срдината по цела должина, Елемент што најмногу привлекува внимание секако се прекрасно дизајнираните задни светла кои црпат инспирација од потполно електричниот модел Enyaq и одлично легнуваат во севкупниот дизајн кај новата Fabia. Севкупно гледано изгледот на надворешноста се потпира на постоечките постулати, со современ еволутивен „апдејт“ на дизајнот и задржување на компаниската филозофија.
Просотор како во повисок сегмент
Дополнителната севкупна должина на каросеријата се манифестира на најдобар можен начин во кабината на Fabia. На предните седишта комодитетот е можеби најдобар во касата, идеалната возачка позиција лесно се пронаоѓа, а видливоста е на завидно ниво благодарение на големите стаклени површини. Просторот на задниот дел е местото каде што највеќе профитира новата Fabia. Патниците имат многу повеќе место за колена од колку што е вообичаено за автомобил со оваа големина, што дури може да им парира на некои од извиканите мејнстрим хечбек модели од сегментот погоре.
Дека инженерите извеле велемајсторски потези се одсликува и на багажниот простор кој има зафатнина од 380 литри, тој не е само меѓу најдобрите во сегментот, туку е со идентична големина како кај Volkswagen Golf! Користените материјали се одликуват со особен квалитет, а за подигање на атмосферата дел од нив се изведени во сјаен, „пијано“ финиш, додека делот што се протега по средината на централаната конзола е направен во некоја мешавина на текстил и гума која кога ќе се допир наликува на „џинс“, навистина интересен детаљ. Дигитализацијата не го одминува ниту најмалиот преставник на чешката марка, па така пред возачот на местото на аналогните инструменти е поставен дисплеј задолжен за приказот на примарните параметри. Инфо-забавниот дел е контролиран преку екранот со големина од 8 инчи кој воедно може да се поврзе со системите на модерните паметни телефони.
Како дел од трендовите кои надоаѓаат се смета замената за старите конектори за поврзувањата и полнењето на уреди кои одсега може да се врши преку USB-C портови. Командите за управување со автоматската климатизацијата се физички одвоени, но за да се одбере брзината на дување потребно е дополнително притискање на копче за префрлање на инфо-забавниот екран од каде ќе се одбере посакуваниот степен. Прашањето е зошто за едноставна операција која може да се изведе во еден потег, непотребно се усложнува дејствието?
Насочен кон градскиот живот
Во новата изведба моделот се нуди исклучиво со бензински двигатели од две работни зафатнини со распон на сила од 65 КС до максимални 150 КС. Во нашиов случај Fabia беше опремена со бензинскиот 1.0-литарски MPI мотор со 80 КС (втор на скалилото за моќност) и преставува типичен трицилиндерски агрегат што и покрај недостатокот на турбополнач, е способен лесно да ја задвижи каросеријата тешка 1,1 тон, иако поседува само 93 Nm влечна сила која е на располагање во целост при 3.700 врт/мин.
Автомобилот е одличен за возење низ град и извршување на секојдневните обврски, од друга страна не треба да се очекува дека на отворен пат лесно ќе го користите левиот трепкач, мирното и сталожено темпо со малку трпение може далеку да ве однесе. Во делот на перформансите, малата моторна опција го носи автомобилот од место на мирување до 100 км/ч за 15,5 секунди, а максималната брзина која ја постигнува е еднаква на 179 км/ч. За оние кои сакаат повеќе моќ и подобри перформанси, верзијата опремена со турбополнач и 110 КС е секогаш опција, за која и ние сметаме дека би била оптимален избор на моторизација во Fabia. Во целиот случај на тестираниот примерок бенефитот оди на страна на потрошувачката, која патем за време на нашето дружење не ја премина границата од 6 литри на секои 100 километри.
Возењето е импресивно удобно и е помеко сетирано што во комбинација со 16-инчните алуминиумски тркала на нашиот тест автомобил, обезбедува релаксирано возење. Под кожата има значителни промени во однос на стариот модел. Оваа генерација на Fabia се префрли на платформата MQB-A0 на групацијата од која веќе неколку години бележат придобивки сестринските модели на VW Polo и Seat Ibiza. Не само што сега Fabia е поригиден автомобил со зголемена префинетоста и држење на патот туку е и полесна и покрај тоа што е зголемена во сите правци.
Четвртата генерација на Škoda Fabia созреа во многу привлечен и практичен автомобил што за многумина ги надминува стандардите во сегментот, со неверојатно понуда на простор во кабина и дарежлива големина на багажникот, создава чувство на голем автомобил во идеално, компактно пакување.
Цена на тестираниот модел: 18.460 евра
Технички спецификации за Škoda Fabia 1.0 MPI 80 Style
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 999 cm3 |
пречник и од | 74.5 x 76.4 mm |
степен на компресија | 10.5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 80 KС ( 59 kW) при 6.300 min/-1 |
макс. вртежен момент | 93 Nm при при 3.700-3.900 min/-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 5 степен мануелен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 195/55 R16 (напред) 195/55 R16 (позади) |
Каросерија | Хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.109 x 1.780x 1.459 mm |
меѓуоскино растојание | 2.564 mm |
траги (напред/назад ) | 1.525/1.509 mm |
Тежина | 1.146 kg |
максимална тежина | 1.609 kg |
Багажник | 380/1.190 литри |
Резервоар | 40 литри |
максимална брзина | 179 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 15.5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 6.1/4.4/5,1 l/100 km |
емисија на CO2 | 113 g/km |
Škoda Fabia во Македонија
Škoda Fabia 1.0 65 HP Active | 14.500 евра |
Škoda Fabia 1.0 80 HP Active | 15.100 евра |
Škoda Fabia 1.0 80 HP Ambition | 15.490 евра |
Škoda Fabia 1.0 80 HP Style | 16.580 евра |
Повеќе информации во Порше Македонија на 02/ 26 26 266 или на www.skoda.mk
Конкуренти
Renault Clio | oд 15.090 до 24.990 евра |
Hyundai i20 | oд 14.900 до 22.600 евра |
Kia Rio | oд 15.450 до 21.650 евра |
Toyota Yaris | oд 14.490 до 21.790 евра |
Opel Corsa | oд 15.310 до 21.780 евра |
Citroen C3 | од 16.860 до 21.700 евра |
Dacia Sandero | од 13.250 до 17.350 евра |