Stellantis ќе лансира автономни возила со Lidar технологија во 2024
Компанијата Stellantis ќе ги опремува своите возила со Scala Lidar технологијата на францускиот производител Valeo за да достигне автономија од Ниво 3
Stellantis се подготвува да ги претстави своите први автомобили способни за возење без раце од Ниво 3 во 2024 година, благодарение на соработката со француската компанија Valeo.
Mercedes беше првиот производител на автомобили што доби легален сертификат за автономен систем од Ниво 3, но моментално ниту еден производ на Stellantis нема статус од Ниво 3. Тоа ќе се промени кога Stellantis ќе почне да ги опремува своите автомобили со следната генерација на системот Scala Lidar, развиен од Valeo, кој му помогна на Mercedes да добие предност во однос на своите ривали.
Автономијата од Ниво 3 значи дека возачите можат да го насочат своето внимание на друго место наместо на патот, легално дозволувајќи им да прегледуваат електронска пошта, да гледаат филм или да читаат книга. Сепак, спиењето се уште не е дозволено, бидејќи возачите мора да бидат подготвени да ја преземат контролата назад од автомобилот кога ќе им биде наредено да го сторат тоа.
Најнапредна Lidar технологија досега вградена кај возила
Lidar работи со одбивање на ласерската светлина од предметите, кои кога ќе се вратат во сензорот на автомобилот му овозможуваат на компјутерот да креира мапа на околината, вклучувајќи го и другиот сообраќај. Системот на Mercedes S-Class Level 3 се потпира на мешавина од радар, камери, Lidar, па дури и сензори за влага.
Следната генерација на Scala Lidar наменета за употреба во производите на Stellantis ќе направи голем скок во однос на сегашната генерација што ја користи Mercedes, според Automotive News Europe. Резолуцијата на новиот систем е 12 пати поголема, има агол на гледање 2,5 пати поширок и може да гледа три пати подалеку, што му дава можност да гледа објекти оддалечени повеќе од 200 метри.
Автономниот систем STLA AutoDrive на Stellantis се развива заедно со BMW и ќе дебитира во 2024 година на „повеќе модели“, до кога компанијата ќе биде фокусирана на развој на навистина автономна технологија од Ниво 4 и Ниво 5, иако тоа веројатно ќе биде ограничено на комерцијални апликации, како што се такси возилата, барем на почетокот.