Viritech Apricale е хидрогенски автомобил дизајниран од Pininfarina
Компанијата Viritech го покажа својот хиперавтомобил со погон на водородни горивни ќелии кој е дизајниран од куќата Pininfarina
Viritech, компанија со седиште во Велика Британија која е специјализирана за водородни погонски единици, ја претстави конечната сериска верзија на својот хиперавтомобил Appricale, со водороден погонски агрегат од 1.088 КС, тежина под 1.000 килограми и каросерија стилизирана од Pininfarina. Appricale дебитираше на фестивалот на брзина во Гудвуд во пресрет на неговото лансирање на пазарот на почетокот на 2024 година.
Благодарение на технологијата Graph-Pro на Viritech, која користи лесни композити и систем со смола со графен, резервоарите за водород се структурна компонента на монококната шасија од карбон, намалувајќи ја тежината во исто време. „Горивните ќелии со неколку стотици kW“ и малите 6 kWh „литиум-јонски батериски ќелии со ултра висока моќност“ обезбедуваат енергија на двата електрични мотори (по еден на секоја оска).
Целниот опсег на движење е 560 км помеѓу полнењето гориво на резервоарите со водород од 5,4 кг од 700 бари. Мет Фолкс, поранешен инженер во Formula 1 и ко-основач на Viritech изјави дека целта е да се задржи тежината на ниско ниво и да се направи забавно возењето со Appricale. Во тој контекст, хиперавтомобилот се одликува со суспензија со двојни рамена напред и назад со торзиони шипки. Сопирачките се сочинети од карбонски композитни дискови од 390 милиметри со AP Racing шапи.
Системот има вкупна моќност од 1.088 КС и 1.000 Nm вртежен момент. Според Viritech, моделот ќе забрзува од 0 до 60 милји на час (0-97 km/h) за помалку од 2,5 секунди, а максималната брзина ќе ја надмине ознаката од 322 километри на час.
Нов дизајн и ограничено производство
Хиперавтомобилот со водороден погон е целосно редизајниран во споредба со претходната верзија од 2021 година. Го задржува ветробранското стакло во стилот на Koenigsegg, но сега доаѓа со ново лице, пар агресивни LED фарови, поголеми отвори на браниците и крило во стилот на F1. Назад наоѓаме тенки LED задни светла, интегриран спојлер, двојни перки на линијата на покривот и саќе шема на сино обоениот заден браник што изгледа како масивен дифузор. Хиперавтомобилот е долг 4,550 мм, широк 1,900 мм и висок 1,150 мм.
Viritech Apricale ќе се произведува во ограничен број од 25 единици со помош на Pininfarina. Autocar известува дека моделот ќе има цена од близу 1,5 милиони фунти пред оданочувањето. Испораките ќе започнат на почетокот на 2024 година, по опсежните тестирања и почетокот на производството во 2023 година.
Покрај хиперавтомобилот, Viritech го покажа концептот за SUV наречен Tellaro, прикажувајќи ја потенцијалната употреба на нивната технологија FCEV. Viritech ќе доставува водородни погони за други компании, вклучително и BAC, во „апликации за одржлив транспорт“.