ЕУ ги забрани возилата со конвенционални мотори од 2035
По најавите уште од 2021 година, сега е и официјално - возилата со мотори на внатрешно согорување ќе бидат забранети во ЕУ од 2035 година
Трите клучни институции на Европската унија – извршната власт, парламентот и сите земји-членки – се согласија на план за ефикасна забрана на продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година па натаму, дозволувајќи продажба само на автомобили со нулта емисија во ЕУ, како дел од стратегијата „Fit for 55“ во борба против ефектите од климатските промени.
Планот првпат беше објавен во јули 2021 година и беше одобрен од земјите-членки во јуни 2022 година по рунди преговори. Од денеска и формално е договорено од Европската Унија. Така, производителите на автомобили ќе бидат принудени да ги отфрлат сите бензински, дизел, хибридни и plug-in хибридни модели од нивната европска постава до 2035 година. Производителите со низок волумен како Ferrari и Lamborghini добија поволно задоцнување од една година.
Покрај целта за нулта емисија до 2035 година, до 2030 година сите автопроизводители мора да ги намалат емисиите на CO2 од новите автомобили за 55 отсто (наспроти претходната цел за намалување од 37,5 отсто) во споредба со нивоата во 2021 година. Според групата „Транспорт и животна средина“, автомобилите и лесните комерцијални возила се одговорни за 16 отсто од сите емисии на стакленички гасови во Европа денес.
Е-горивата извисија
Многумина се надеваа дека е-горивата ќе го продолжат животниот век на моторите со внатрешно согорување, но тие видови возила навистина произведуваат емисии од нивните издувни гасови, дури и ако постојат други начини да се надоместат со нулта СO2 отпечаток. Во моментов, единствените погонски единици кои се во согласност со правилото за нулта емисија на издувни гасови се електричните возила на батерии и електричните возила со водородни горивни ќелии. Сепак, постои необврзувачки предлог од страна на земјите-членки, со кој се повикува Европската комисија да дозволи регистрација на возила што користат СО2 неутрални горива по 2035 година.
Европа е еден од најважните пазари за автомобили, така што одлуката на ЕУ ќе има глобални ефекти. Производителите на автомобили ќе треба да продолжат со големи инвестиции во ЕВ за да го забрзаат процесот на електрификација. Ова значи дека ќе има помалку средства за развој на мотори со внатрешно согорување за други региони со помалку строги регулативи за емисија на штетни гасови. Меѓу компаниите кои се обврзаа да престанат да нудат возила со конвенционален погон во Европа до 2035 година или уште порано се Volkswagen, Stellantis, Ford и Jaguar Land Rover.
Помешани реакции
Како што е соопштено од Automotive News Europe, Франс Тимерманс, комесар на ЕУ за акциона политика за климата, рече: „Европските производители на автомобили веќе докажаа дека се подготвени за промените, со зголемените и сè попристапни електрични автомобили кои доаѓаат на пазарот. Брзината со која се случи оваа промена во изминатите неколку години е извонредна“. По договорот, Тимерманс напиша на Твитер: „Имаме договор! Не е ни чудо што првиот договор #Fitfor55 е за СО2 стандардите на автомобилите“, додавајќи „Автомобилската индустрија на ЕУ е подготвена, потрошувачите се желни да ја прифатат мобилноста со нулта емисија. Затоа, да одиме со полна брзина напред!“.
Оливер Ципзе, претседател на ACEA и извршен директор на BMW рече: „Сега сакаме да ги видиме рамковните услови кои се суштински за исполнување на оваа цел, рефлектирани во политиките на ЕУ. Тие вклучуваат изобилство на обновлива енергија, беспрекорна приватна и јавна инфраструктурна мрежа за полнење и пристап до суровини“.
Амбициозниот договор навистина предизвика реакции, при што многумина се загрижени дека Европејците ќе продолжат да ги возат своите постари и позагадувачки автомобили, немајќи да можат да си дозволат ново ЕВ. Други го критикуваат планот дека не се справува со емисиите за време на производството на автомобили, што може да биде поголемо кај ЕВ во споредба со возилата со погон на внатрешно согорување. Европа се надева дека ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година, како дел од стратегијата „Fit for 55“.