fbpx

Тест MG EHS: Новитет со сериозни намери

Спортско – елегантниот дизајн на екстериерот, максимално конфорниот ентериер со изненадувачки добра завршна обработка и високотехнолошкиот хибриден систем му овозможуваат на моделот EHS Plug-in Hybrid да се позиционира како сериозен предизвикувач во екстремно популарниот сегмент на SUV возила во кој досега главниот збор го имаа јапонските, корејските и западно-европските преставници.   

MG EHS Тест

Во светот на автомобилите, марката MG (Morris Garages) зазема посебно место, основана во 1924 година во Велика Британија од Вилијам Морис, пионер на автомобилизмот и сопственик на тогашната компанија, Повеќе од 90 години од основањето, ДНК-то на MG Motor ги обединува сите врвни перформанси кои ја направија компанијата успешна во минатото.

Специфичните карактеристики што доаѓаат со традицијата се препознатливи и опипливи и денес кај новите генерации на автомобили на MG, каде што спојот на наследството и високата технологија инспирира страст за возење и слобода на патот, истовремено обезбедувајќи удобност и максимална безбедност. „Создавањето нова ера на автомобили“, како што официјално го нарекуваат во MG Motor, значи дека компанијата користи нови технологии за да ги подобри своите модели кои се дефинираат како автомобили на иднината, погодни за секојдневните потреби и навики на современите возачи и урбаните млади семејства.

Елеганција со спортски призвук

Пред неколку месеци на регионалната презентација подготвена за специјализираните автомобилски новинар од „Адриатик регионот“ имавме прилика на кратко да се запознаеме со сите модел на MG кои ќе бидат достапни на нашиот пазар. Првиот од низата со кој поминавме неколку дена на домашно тло е моделот MG EHS кој доаѓа исклучиво како Plug-in Hybrid што настапува во сериозно популарниот С-сегмент. Нговата надворешноста се истакнува со искрени пропорции и хармоничен дизајн, моделот е дизајниран да изгледа наменски и спортски, со цел совршено да ги задоволи барањата на клиентите од стариот континент.

На предната страна вниманието го привлекува најновата итерација на отворот на ладилникот, или како што во компанијата ја нарекуваат „ѕвездена мрежа“ во која е врамено најголемото лого на MG досега. Прoфилот одсликува автомобил со течни линии што се претвораат во мускулеста маса како се доближуваат кон задниот дел, каде што пак главниот збор го има големиот спојлер зад задното стакло, и големите светлосни склопови кои длабоко навлегуваат во страните на возилото. На долниот дел се двете „вистински“ издувни цевки, по една од секоја страна кои го дополнуваат елегантниот и спортски изглед. Дизајнот се базира на постулатите кои се моментално во тренд, а се поставени од теренците, целосно пријатен и ненаметлив пакет на кој секојдневно ќе пронаоѓате нови и интересни детали.

MG EHS Тест

Високо ниво на софистицираност

Во внатрешноста доминираат материјали кои се меки на допир, бидејќи дизајнерите во прв план ја ставиле удобноста и квалитетот за да ја направат кабината многу привлечно и посакувано место за престој. Добрата ергономија на возачката позицијата и пространите седишта ја прават внатрешноста на моделот EHS пријатен простор за поминување на квалитетни семејни моменти. Како на предните, така и на задните седишта во однос на комодитетот, овој модел нуди габарити и удобност за кои сметаме дека се меѓу водечките во класата. Покрај тоа, во просторот предвиден за багаж може да се сместат предмети до максимални 448 литри кога задните седишта се во функција или 1.375 литри кога истите се соборени.

MG EHS ТестМоделот EHS Plug-in Hybrid е изграден со цел да одговара на животниот стил и потребите на едно модерно семејство. Поради тоа, богатото ниво на опременост и обемниот систем за помош на возачот, наречен MG Pilot доаѓаат како стандард. Мултимедијалниот екран со големина од 10,1-инчен се поврзува со системите на Apple CarPlay и Android Auto апликациите, а пред возачот функциите се прикажани на 12,3-инчни дигитални инструменти. Како составен дел доаѓа и панорамски покрив со дарежливи пропорции, како и камера со опсег од 360 степени за максимална видливост при паркирање. На крајот ќе дополниме дека моделот EHS Plug-in Hybrid освои пет ѕвезди на Euro NCAP тестот што го става во групата на максимално безбедни возила.

Мазно комбинирање за оптимални резултати

Тестираниот модел, MG EHS Plug-in Hybrid е придвижуван од 1,5-литарски турбо мотор со 162 КС кој е помогнат од електро мотор што располага со 120 КС (90 kW), а заедничката моќност од двата системи по комплицираниот процес на собирање еднаква на 258 КС се испраќа кон предната оска. Со комбинираната моќност и моменталниот одговор на електричниот мотор, MG EHS забрзува од 0 до 100 km/h за 6,9 секунди, што е резултат за пофалба ако се земе во предвид дека неговата тежина изнесува речиси 1,8 тони.

Официјалните бројки велат дека MG EHS обезбедува импресивна економичност и ниски емисии на CO2 од само 43 g/km и просечна потрошувачка од неверојатни 1,8 л/100 км. Што во реалност изнесува окулу 6,5 литри на секои 100 изминати километри. Затоа пак, кога е вклучен само електричниот мотор и батеријата од 16,6 kWh е во целост полна (се полни од 0 до 100% за 4 часа), обезбеден е опсег од 52 километри според производителот, а ние успеавме да поминеме 45 километри, што не е толку далеку од декларираниот податок, а воедно е сосема доволно да се покрие просечното дневно патување. Она што помага да се постигнат овие перформанси и економичност е десетстепениот автоматски менувач.

Моќта од бензинскиот мотор се канализира преку шест-брзински автоматски менувач, додека електромоторот ја пренесува силата преку електронски погон со четири брзини. Заедно тие обезбедуваат десет електронски контролирани преносни односи кои секогаш ја постигнуваат оптималната комбинација на брзини, одржувајќи ги емисиите што е можно пониски, а уживањето и перформансите на највисоко ниво.

Накратко, моделот MG EHS Plug-in Hybrid им овозможува на возачите кои се уште не се подготвени за целосно електричен автомобил да возат електрично и одржливо без да се грижат дека ќе останат на половина пат од целта. Во прилог оди податокот дека сите модели на MG без разлика дали се погонувани од бензински или хибриден погон доаѓаат со една од водечките гаранции на пазарот, која изнесува 7 години и 150.000 км. Истата ќе важи и за моделите со електричен погон и батерија, кои патем се очекува да се појават во Македонија со почетокот на следната година.

MG EHS Тест

Цена на тестираниот модел 42.900 евра

Технички карактеристики за MG EHS Plug-in Hybrid Luxury

Мотор Euro VI AP, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.490 cm3
пречник и од 74,00 x 86,60 mm
степен на компресија 11,5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа и индиректно Multi-point вбризгување на горивото
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 162 KС (120 kW) при 5.500 min/-1
максимална моќ на електромотор 120 КС (90 kW)
максимална моќ на хибриден систем 258 КС (193 kW)
макс. вртежен момент  на мотор со внатрешно согорување 250 Nm при 1.700-4.300 min-1
макс. вртежен момент на електромотор 230 Nm при 500-3.700 min-1
макс. вртежен момент на хибриден систем 370 Nm
трансмисија на предни тркала преку 10 степен автоматски менувач
потпирање напред независен Мекферсонов систем, назад Multilink двојни рамена, телескопски амортизери
сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/50 R18
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.574 x 1.876 x 1.685 mm
меѓуоскино растојание 2.720 mm
траги (напред/назад ) 1.573/1.584 mm
тежина 1.737 kg
максимална тежина 2.196 kg
багажник 488/1.375  литри
резервоар 37 литри
максимална брзина 190 km/h
забрзување 0-100 km/h 6.9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) –/–/,1,8 l/100 km
автомомија на електро погон 52 km
капацитет на батерија 16,6 kWh
емисија на CO2 43 g/km

 

Повеќе информации во Мида Гранд Моторс  Бул. „Босна и Херцеговина“ бр.1, Скопје (02 307 3103) или
на www.mgmotor.mk

MG EHS Plug-in Hybrid Luxury во Македонија

MG EHS Plug-in Hybrid Luxury 42.900 евра
MG EHS Plug-in Hybrid Luxury 43.600 евра

Конкуренти:

Kia Sportage oд 26.500 до 42.900 евра
Hyundai Tuсson oд 25.500 до 46.000 евра
Nissan Qashqai oд 31.400 до 45.150 евра
Volvo XC40 oд 27.790 до 53.350 евра
Peugeot 3008 oд 31.420 до 65.110 евра
Ford Kuga oд 32.900 до 46.900 евра
Toyota RAV4 oд 35.490 до 54.390 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button