Тест Citroën C5 Aircross: Фокусиран на комфор
Во веќе презаситениот пазарен сегмент, обновениот Citroen C5 Aircross се издвојува од останатите преставници ставајќи го фокусот на удобноста. Иако сега создава поостар впечаток од неговиот претходник, тој и понатаму останува пријатен и практичен сопатник на целото семејство.
Марката Citroen е позната по својот неконвенционален пристап при креирањето, во својата историја подолга од 100 години секогаш ги позиционира своите автомобили уникатно, сосема различно од останатите производители. Податок што дополнително се потврдува со неодамна освежениот, голем SUV, моделот C5 Aircross.
Прочистен дизајнерски потпис
Како дел од ажурирањето на средината од животниот циклус, француската марка подготви низа естетски измени со што најголемиот SUV во понудата добива на свежина и контури кои се во склоп со новата дизајнерска филозофија на Citroen. Со оглед на тоа што светлосните склопови повеќе не се поделени во два дела, предниот дел на C5 Aircross создава нов препознатлив и почист потпис, во кој главната улога ја превзема „двојниот шеврон“, заоблената слика на предходникот е заменета со посериозен изглед што одава впечаток на „Storm trooper“ (особено во возената комбинација на бои).
Силуетата на профилот делува непроменето и меко, за разлика од конкурентите кои се повеќе користат остри линии и потези со што сакаат да ја изразат мускулестата става. Какатеристичните Air bump детали се веќе дел од минатото на Citroen, но кај C5 Aircross остануваат по должина на вратите одлично вклопувајќи во целииот дизајн. Покрај нивната естетската природа делуваат и превентивно, штитејќи го делот од каросеријата од несакани „блиски контакти“. Промените на задниот дел се помалку драматични и се фокусираат на новодизајнирани светлосни единици кои се карактеризираат со дизајн што го изразува тридимензионален ефект. Севкупно гледано ова е возило кое изгледа добро од било кој агол, со одлично одмерени пропорции и јасно дефинирана става.
Подобрувања на вистинските места
Со самото влегување во внатрешноста на возилото веднаш ќе наидете на промени. За почеток тука е новиот 10-инчен инфозабавен екран позајмен од C5 X сместен високо во центарот на кабината, покрај кого се забележуваат новите хоризонтални отвори за климатизација дизајнирани по нов терк. Подолу, рачката на менувачот го отстапува местото на новиот прекинувач на автоматскиот менувач до кого е поставен избирачот за режим на возење. ослободувајќи повеќе простор за складирање. Пред возачот е дигиталната инструмент табла на која се забележува дека има измени кај графичкиот приказ.
Материјалите користени во внатрешноста на обновениот C5 Aircross се подигнати за едно скалило погоре, а делува дека од страна на инжињерите е вложен дополнителен труд со цел подобро да се изолира кабината и намали бучавата во целиот простор. Предните седишта делуваат покомфорно од преходно, благодарение на дополнителното полнење. На задниот дел доаѓа до израз фликсибилноста со која располага внатрешноста. Имено, трите седишта се комплетно индивидуални и може независно да се поместуваа напред-назад за 150 милиметри во зависност од потребите, што директно влијае и врз капацитетот на багажниот простор. Неговиот волумен изнесува минимлани 580 литри кога седиштата се поставени во крајна позиција, а доколку ги поместите што е можно понапред тогаш неговиот капацитет расте до 720 литри, што го сместува C5 Aircross во самиот врв на класата.
Флексибилно избалансиран
Трендот по кој се движи автоиндустријата преферира електрифицирани двигатели, а Citroen ни покажува дека покрај хибридите во гамата сеуште има место и за традиционалните турбодизели. Тестираниот примерок го задвижуваше единствениот турбо дизелски агрегат во понудата со зафатнина од 1.5 литри и моќност од 130 КС, неговата влечна сила изнесува 300 Nm, која пак е на располагање од ниски 1.750 врт/мин. Погонот е исклучиво насочен кон предната оска, а за неговата трансмисија е задолжен 8 степен автоматски менувач кој се одликува со одлично избалансиран и мазен пренос, што вистински одговара на каратерот кој го поседува C5 Aircross. Соработката помеѓу исклучително рафинираниот и флексибилен двигател и беспрекорно добро одмерениот менувачки систем ни овозможи просечно да трошиме 6,4 литри на 100 изминати километри, што за возило со овие габарити е повеќе од добар резултат.
Забрзувањето до 100 км/ч не е молскавично, трае 11,6 секунди и е сосема задоволувачко. Од друга страна пак, стрелката на брзиномерот запира на 188 км/ч што е повеќе од доволно за семеен SUV модел. При возењето на C5 Aircross секогаш се наметнува прашањето каде е неговото место во споредба со моделите од концернот со кои дели голем дел од компонентите. Зад управувачот се чувствува дека му недостига прецизноста на Peugeot 3008, додека во поглед на суспензија е далеку поудобен од Опел Grandland. Удобноста игра голем дел од целината кај C5 Aircross, во свет каде што речиси сите производители на автомобили се обидуваат да создадат чувство на спортска динамика со покруто сетирана суспензија, Citroen обезбедува пријатна алтернатива овозможувајќи му на овој SUV да биде многу удобен. Во секојдневното возењето се истакнува моментот дека одлично се справува со вообичаените нерамнини на улиците добро изолирајќи ја кабината од вибрациите на патот.
Моделот Citroen C5 Aircross се поставува себеси на комфорната страна во категоријата, наменет за сите семејни купувачи кои не тежнеат кон динамика и спортскиот начин на управување, туку преферираат релаксиран пристап кон нештата.
Цена на тестираниот модел: 40.450 евра
Технички спецификации за Citroën C5 Aircross 1.5 Blue HDi 130 EAT8 Shine
Мотор | Euro VI, дизелски, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.499 cm3 |
пречник и од | 75,0 x 84,8 mm |
степен на компресија | 16.4:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 130 KС (96 kW) при 3.750 min/-1 |
макс. вртежен момент | 300 Nm при 1.750 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 8 степен автоматски менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 205/55 R19 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.500 x 1.860 x 1.689 mm |
меѓуоскино растојание | 2.730 mm |
траги (напред/назад ) | 1.579/1.608 mm |
Тежина | 1.489 kg |
максимална тежина | 2.030 kg |
Багажник | 580 / 720 / 1.630 литри |
Резервоар | 53 литри |
максимална брзина | 189 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 11.6 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5.7/ 5.3/ 5.1 l/100 km |
емисија на CO2 | 136 g/km |
Citroën C5 Aircross во Македонија
Citroën C5 Aircross Live Pack PureTech 130 | 29.990 евра |
Citroën C5 Aircross Live BlueHDi 130 | 31.790 евра |
Citroën C5 Aircross Feel PureTech 130 EAT8 | 34.290 евра |
Citroën C5 Aircross Feel BlueHDi 130 | 33.590 евра |
Citroën C5 Aircross Feel BlueHDi 130 EAT8 | 35.990 евра |
Citroën C5 Aircross Feel Pack Pure Tech 130 EAT8 | 36.290 евра |
Citroën C5 Aircross Feel Pack BlueHDi 130 | 36.090 евра |
Citroën C5 Aircross Feel Pack BlueHDi 130 EAT8 | 38.290 евра |
Citroën C5 Aircross Shine Pure Tech 130 EAT8 | 37.290 евра |
Citroën C5 Aircross Shine BlueHDi 130 EAT8 | 39.190 евра |
Повеќе информации во Автонова на ул.Скупи бр.8 Скопје тел. (02) 3093 001 или на www.citroen.mk
Конкуренти
Hyundai Tucson | oд 25.500 до 42.700 евра |
Kia Sportage | oд 25.900 до 42.900 евра |
Seat Ateca | oд 23.821 до 39.376 евра |
Skoda Karoq | oд 34.710 до 39.380 евра |
Honda HR-V | oд 33.990 до 38.990 евра |
Mazda CX-5 | од 25.042 до 42.921 евра |