Jeep лансира спортски Grand Cherokee во Европа
Jeep лансира на европскиот пазар спортска верзија на популарниот Grand Cherokee, кој ја добива ознаката S, со за оваа цел модифицирана спортска суспензија и целосно црн екстериер
Во пракса, возилото нема да може да се порачува во друга боја, а дополнителните елементи на надворешноста се исто така интересни: 20-инчни алуминиумски фелни, затемнети решетки на всмукувачите за воздух вградени во предниот браник, тонирани стакла со рамки од „црн хром” и црни издувни цевки.
Grand Cherokee S
Во ентериерот како дел од сериската опрема се појавува инфо систем со 8,4-инчен екран чуствителен на допир кој поддржува Apple CarPlay и Android Auto, аудио Alpine со моќност од 506 вати и функција за активно регулирање на бучавата, панорамски покрив и седишта со грејачи и вентилација. Се разбира, во внатрешноста доминираат црно- обоените дрвени тапацири, црни метални апликации и кожа.
Grand Cherokee S излегува на пазарот со систем за постојан 4х4 Quadra Drive II погон со самоблокирачки заден диференцијал и систем за управување со дистрибуцијата на потисок Selec-Terrain со пет режими на работа. Основниот мотор е 3.0-литарски турбодизел, а заедно со него во моторната гама влегуваат атмосферски 6-цилиндерски бензински агрегат со зафатнина од 3.6 литри, како и 5.7-литарски V8 HEMI со моќност од 356 коњски сили. Сите мотори работат со 8-брзински автоматски менувач.