fbpx

Интервју со Линда Џексон и Фил Јорк, водечките лица на Peugeot

Еуроимпекс, увозникот на Peugeot за Македонија организираше тркалезна маса за автомобилски новинари на која учествуваше и Авто Плус

Peugeot ја најави иднината на брендот на CES 2023 каде француската автомобилска марка го откри долгонајавуваниот Inception Concept. Футуристички дизајниран електричен седан што ќе ги инспирира идните модели, вклучувајќи ги тука компактните и SUV возилата. Првите модели кои ќе применат дел од преставените технологии го најавуваат пристигнувањето веќе во 2025 година.

Со цел да се запознаеме подобро со она што е планирано за блиската иднина на брендот во смисол на новите техногии, дизајнот, автономното возење, погонските склопови и употребата на одржливи материјали, веднаш по преставувањето на Inception Concept-от, Еуроимпекс, увозникот на марката за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово организираше ексклузивна тркалезна маса за мала група автомобилски новинари на која учествуваше и Авто Плус. Во случајов имавме прилика да поразговараме и директно да ги прашаме водечките лица на компанијата, Линда Џексон – извршна директорка на Peugeot и Фил Јорк – директор за маркетинг и комуникации, во кој правец ќе се движи Peugeot во иднина.

Севкупната употреба на екраните, нивната големина и вметнувањето на се повеќе функции во нивните менија го одвлекува вниманието на возачот, дали сметате дека сето тоа може да се редуцира и што според вас е практично и општо прифатливо решение во тој поглед?

Л Џ: Да кажам веднаш, јас сум на страната која се залага за помалку екрани во кабината! Трендот на 2, 3 или 4 екрани е премногу, и она кон што се стремиме да го направиме со i-Cockpit е екран што сакаме да го видите над управувачот односно над Hypersquare. Со Halo Cluster сакаме уште повеќе да го поедноставиме тоа. Целта ни е корисниците да имаат информации, но не премногу информации, но од друга страна, кога се вози автономно како кај концептот, се добива голем, т.н филмски екран, во тој случај е во ред, бидејќи станува збор за целосно-автономно патување. Се стремиме да немаме премногу екрани и токму тоа го планираме. Наша цел е возачот да ги добие важните информации, не да биде затрупан од секакви податоци. Поминавме низ една фаза, не само ние како Peugeot, туку целата индустрија, во која имавме премногу информации, а 50% од функциите во автомобилот, корисниците едноставно не ги употребуваат. Истражувавме многу за да разбереме кои технологии ги користат а кои не, но на крајот се работи за избор.

Кога најрано управувачот во форма на Hypersquare може да се најде во продукциски возила и како на тоа гледаат регулаторните тела кои се грижат за безбедност во сообраќајот?

Л Џ: Новиот Hypersquare управувач го развиваме во линија со сите регулативи кои мораме да ги почитуваме насекаде низ светот. Очекуваме дека првите верзии на Hypersquare управувачкиот склоп ќе бидат имплементирани во нашите возила веќе во моделите кои ќе се појават на пазарот во 2025 година или најкасно во 2026 година. Hypersquare системот користи електронска, steer-by-wire технологија наместо механичка врска меѓу управувачот и тркалата што го прави екстремно интуитивен и респонзивен на мали движења. Секако, сите технологии кои ги претставуваме се подложни на регулативи и ги исполнуваат највисоките безбедносни стандарди.

Ф Ј: Би додал дека една од најважните точки кај еден Peugeot е уживањето во возењето, секако i-Cockpit со малиот управувач е круцијален елемент за тоа. Hypersquare е следната еволуција на тој i-Cockpit и ќе овозможи значителна еволуција на пристапот. Веќе го тестиравме кај многу корисници и досегашните реакции се исклучително позитивни, нивниот впечаток е дека интеракцијата е природна и делува интуитивен за користење.

Најавивте нов тип на многу поефикасни батерии, нивно индуктивно полнење и нови автономни технологии. Кога тие ќе бидат достапни на купувачите?

Л Џ: Овие технологии доаѓаат од палетата на Stellantis и неколкуте различни платформи. Концептот е поставен на STLA Large платформата и првите возила базирани на оваа платформа ќе ги видиме најверојатно во следните две  години.

Во однос на технологиите за индукциско полнење, ако тоа се прифати како стандард во идустријата, има потенцијал да направи револуција во полнењето на јавни паркинзи, гаражи, итн.

Ф Ј: Некои од технологиите се блиску до сериско производство. Индукциското полнење, сега за сега, е визија која сакаме да ја воведеме, но немаме специфична временска рамка за воведување на технологијата. Сепак, во рамките на Stellantis се работи на оваа тема.

Што е сменето во идустријата за повторно да видиме храбро дизајнирани автомобили како што тоа беше случај пред две децении?

Л Џ: Едноставно, електрификацијата ни ги отвори хоризонтите. Концептот за кој зборуваме е следната генерација на електрични возила на Peugeot. Рамниот под овозможува да се избегнат конструкторските компликации за преносот, а тоа пак ни ги одврзува рацете при дизајнирањето, тоа е како ново платно на кое се прави ново дело и каде тоа може да не однесе.

Секако, тука е животниот стил во кого нераздвоен дел сега се нашите паметни телефон. Прашањето е како да го интегрираме телефонот во нашите автомобили, бидејќи тоа го правиме секој ден. Овие две работи ни ги отворија видиците, а со електрификацијата доаѓа и автономно возење. Соединувањето на овие работи не носи кон нови, возбудливи дизајнерски измени. Сакаме возилата да бидат лесни, ефикасни, да користиме различн и напредни материјали.

Peugeot Inception Concept

Се залагаме да ги исполниме нашите цели, да станеме јаглеродно неутрални до 2035, односно да ги намалиме за 50% емисиите до 2030 година. Inception не е концепт кој е креиран само да изгледа убаво, туку сакаме да ги претставиме технологиите кои во иднина ќе ги користиме во нашите автомобили.

Ф Ј: Автономното возење додава нова перспектива и им овозможува на нашите дизајнери дополнителна слобода во однос на тоа како и за што ќе го искористат просторот.

Рециклираните напредни материјали се дел од концептот Inception, дали ќе бидат вградени и во сериските автомобили?

Л Џ: Во концептот Inception се искористени неколку различни рециклирани материјали. Секако дека ќе ги користиме рециклираните материјали, можеби не идната година, но за следната генерација возила кои треба да ги преставиме во 2025 и 2026 година, секако! Не само што сакаме, туку и мораме. Имаме цел која сакаме да ја постигнеме, а дел од таа приказна се ваквите напредни материјали

Ф Ј: Тука се и материјалите кои веќе нема да ги користиме и ќе ваквите измени ќе се одвиваат уште побрзо. Inception нема хромирани елементи. Овој автомобил е убав, и тоа го постигнавме со поинакви материјали. Знаеме дека хромирањето не е најодржлив процес, па ова е еден пример за правење на убав автомобил без да се прибегнува кон помалку еколошки процеси.

Со претставувањетo на концептот Inception, одбравте да ги претставите идните технологии кај модел кој не е СУВ возило. Дали тоа навестува нов тренд во индустријата?

Л Џ: Да, одбравме да претставиме нов, 5 метри долг автомобил наместо СУВ. Ова е начин за да ги претставиме сите технологии кои сакаме и ќе ги вградуваме во автомобилите на Peugeot. Сакавме да направиме демонстрација која ќе ги одрази тие технологии и истовремено ќе биде прекрасен концепт автомобил. Во однос на вашето прашање за самите СУВ модели, тоа е прашање на место. Во новите автомобили требата да постигнеме поголема аеродинамичност и помала тежина за да постигнеме подобра ефикасност на возилата.

Сосема природно е формата на СУВ моделите да еволуира. Тоа не значи дека нема да имаме и дека луѓето не бараат вакви возила. Тие даваат повисока возачка позиција и модуларност што им се допаѓа на купувачите. Како што знаете 3008 и 5008 се супер-успешни модели. Со концептот Inception заземавме поинаква насока со цел да ги покажеме технологиите, но и нема сомнеж дека повеќето производители ќе го менуваат дизајнот на СУВ возилата бидејќи мораат да бидат поаеродинамични.

Ние тоа го направивме со 408 кој е мешавина на седан и СУВ возило. Целосно нов концепт со повисока возачка позиција од 308, но не толку висок како кај 3008. Ние бараме начини да станеме поефикасни во однос на емисиите на CO2 и аеродинамика, и тоа ќе влијае директно на новите каросериски концепти кои доаѓаат.

Peugeot Inception Concept

Воведувате многу нови технологии во изминатите години, но како ќе влијаат овие технологии на цените, автомобилите стануваат сè поскапи. Како купувачите ќе можат да Ве следат?

Л Џ: Фер прашање. Ние се позиционираме во повисоките сегменти, односно на врвот на мејнстрим сегментот. Сакаме да останеме таму и не сакаме да одиме повисоко. Во споменатиот период сите производители ги зголемија цените.

Тоа е поради инфлацијата, пореметениот ланец на снабдување и други фактори. Но ние мораме да избереме кои технологии ќе ги ставиме во малите автомобили, кои во поголемите, соодветно ценовно да ги позицонираме и да бидеме ценовно оправдани. Затоа разгледуваме и различни материјали. Идејата е да го задржиме денешното позиционирање и да ги понудиме технолгиите кои сегментите во кои имаме модели ги очекуваат.

Ф Ј: Се подразбира дека разгледуваме и други опции за купување и плаќање на возилата. Воведуваме и претплати кои ќе им олеснат на купувачите и возилата ќе бидат достапни. Во Франција воведовме претплата која се нарекува Peugeot As You Go. Тоа е ниска претплата од 150 евра месечно со вклучено користење од 500 километри, а дополнително поминатите километри се доплаќаат. Ваквите програми ќе ги направат автомобилите достапни за нови генерации на купувачи кои можеби не сакаат да купат автомобил, но сакаат тој да им биде достапен во секое време.

Поврзани вести

Back to top button