Audi веќе прифаќа нарачки за својот електричен SUV
Audi веќе ги прифаќа депозитите од потенцијалните купувачи за својот нов електричен SUV, e-tron, кој ќе биде достапен на четири пазари
Тоа ќе биде првиот електричен модел на брендот што се појавува на пазарот.
Плановите на Audi се нивниот нов модел да бидат директен ривал на Tesla Model X и Jaguar I-Pace. Компанијата веќе потврди дека добила 5.000 нарачки за електричниот SUV во Норвешка, кој е најголемиот пазар на електомобили во Европа. Депозитот изнесува 20.000 круни или 2.000 евра. Моделот e-tron, исто така, ќе биде достапен во Швајцарија, Австрија и Белгија, земјата во која и ќе се произведува електричното возило.
Портпаролката на Audi прецизира дека претставниците на компанијата во одделните држави сами ќе одлучуваат дали да го нудат моделот на локалниот пазар, а за пример таа ги посочи Германија и Кина, каде е речиси сигурно дека ќе се појави електричното остварување. Тоа ќе биде првиот од трите електрични модели кои Audi ќе ги лансира до 2020 година, а премиерата на e-tron е закажана за август во Брисел.