Volkswagen го претстави ограниченото издание на Golf R 333
VW Golf R 333, најновата верзија на посакуваниот хот хеч со погон на сите тркала, пристигнува со 333 КС и во ограничено издание од 333 единици
Volkswagen го носи Golf R во нови екстреми со целосно новото специјално издание наречено 333 кое беше претставено во Германија. Заснован на Golf R Performance, Golf R 333 се одликува со надворешноста во жолта металик боја која е во контраст со црниот покрив и црни 19-инчни тркала. Ним им се придружуваат LED Matrix фарови, графика „333“ и издувен систем Akrapovič со титаниумски придушувачи.
Кабината е повоздржана, но купувачите ќе добијат Nappa кожни спортски седишта, премиум аудио систем Harman Kardon и последователно нумерирана значка на контролната табла. Можеме да видиме и облоги слични на карбон, сјајно црни акценти и сини контрастни шевови.
Volkswagen истакна дека автомобилот доаѓа со асортиман на системи за помош на возачот, вклучувајќи адаптивен темпомат со Stop & Go, а тука се и системите Lane Assist, Emergency Assist, Travel Assist и систем за камера за заден поглед.
Моќта ја обезбедува познатиот 2.0-литарски четирицилиндричен мотор со турбополнач кој произведува 333 КС 420 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на моделот да забрза од место до „стотка“ за 4,6 секунди, пред да постигне максимална брзина од 270 км/ч. Тие бројки се истите како кај Golf R Performancе, а истото се очекува и за седумстепениот менувач со двојна спојка и системот за погон на сите тркала.
Како што налага и името, ќе бидат направени само 333 примероци, а германските клиенти ќе можат да го нарачаат моделот на 2 јуни. Производството е планирано да започне во септември, а испораките ќе започнат следниот месец.
Кога станува збор за цената, истата започнува од 76.410 евра во Германија. Само за споредба, сличниот Golf R Performance започнува од 57.985 евра.