Тест BMW X1: Совршена хармонија
Поголем, пософистициран, стилски обликуван, технолошки напреден и исклучително ефикасен, се само неколку атрибути што на третото издание на „малиот“ Х1 му овозможуваат да биде многу повеќе од „влезница“ во SUV светот на BMW.
Името X1 е речиси деценија и половина присутно на пазарот, како најмал SUV во гамата на BMW ја воодушеви публиката уште од самото преставување во 2009 година и стана инстант хит. Ситуацијата не е сменета до денешен ден, правејќи го овој модел еден од најпопуларните во портфолиото на марката. Што значи дека од новиот модел се очекува во својата најнова иретација да понуди многу повеќе. Токму од тие причини одговорните во BMW се уверени дека модерениот изглед, најновата технологија, како и дополнителниот простор и широкиот спектар на погонски единици се клучните елементи во пакетот што ќе го задржи X1 на врвот во својата класа.
По стапките на поголемите браќа
Дизајнерскиот тим во компанијата повеќе или помалку има добиено слобода во процесот на креирање на новиот X1, иако ја дели платформата со серијата 2 Active Tourer единствена видлива сличност на надворешноста е формата на предната бубрежна решетка, која е очигледно помала отколку што во поново време сретнуваме кај модели од гамата. Предните светлосни склопови се со изразен тенок дизајн и навлегуваат во страните на автомобилот.
Страничната силуета пак со својата монолитна појава открива дека X1 многу наликува на смален BMW X5, а ако подобро загледате на задниот дел се забележува длабокиот 3D ,,smoky“ дизајн на задните светла што црпи инспирација од за број поголемиот брат. Велиме поголем, но X1 порасна до вкупна големина како и оригиналниот BMW X3, така што сега е многу попрактичен предлог. Нашиот тест примерок беше облечен во нијанса на сина боја која одлично му прилега, поставен на алуминиумски тркала со интересен дизајн што во комбинација со стилизираните „Aluminium satin“ деталите (дел од ХLine пакетот) на надворешноста содава многу префинета и привлечна целина без тоа да го искажува гласно, во вистински премиум манир.
Ултра модерно
Првото нешто што ќе го забележите кога ќе седнете во новиот X1 е дека оваа генерација изгледа и се чувствува многу попремиум отколку што тоа го правеа претходните верзии. Голема е веројатноста многу потенцијални купувачи да бидат придобиени едноставно со тоа што ќе седнат во него, не само што ќе се воодушеват од употребените материјали и завршната обработка, туку и од просторот и практичноста што се нудат во кабинскиот простор. Удобноста на седиштата напред е одлична, а има и многу место за складирање, особено во широката и длабока остава под „лебдечката“ централна конзола на која пак се сместени сите витални прекинувачи потребни за управување со возилото. Тука се копчето за стартување на моторот, електронската рачна сопирачка, физичката контрола на јачината на звукот и прекинувачот за изборните режими на возење, се на едно место и веднаш на дофат.
Задната клупа е лесно достапна преку големите отвори на вратите, а внатре комоцијата е на завидно ниво, простор за главата има на претек, а и оние со подолги нозе нема да се пожалат дека ги притискаат предните седишта. Во манир на вистински семеен транспортер се преставува и багажниот простор, со стандардни 500 литри и правилен облик лесно ќе ги „вдоми“ сите патни торби на четири члено семејство, за транспорт на посериозни предмети неговите габарити растат до речиси 1.600 литри кога се соборени задните седишта.
На врвот од контролната табла се наоѓа голем заоблен екран кој всушност е составен од два помали екрани, 10,25 инчен дигитален дисплеј што ја игра улогата на инструмент табла и 10,7 инчен екран задолжен за инфозабава. Ваквата комбинација изгледа елегантно а како дополнување функционира многу добро. Распоредот на менито за инфозабава е лесно за користење, но преместувањето на речиси сите функции за контрола на климатизацијата на екранот не е по наш вкус, сепак трендовите го налагаат тоа.
Полн погодок
Во поглед на моторизацијата кај моделот Х1 компанијата нуди изразено широка лепеза на двигатели, тука се бензинците кои може да се добијат и во plug-in хибридна верзија, дизелиските агрегати пак во зависност од изведбата може да бидат опремени со благ 48 волтен хибриден систем и целосно електричната верзија која ја носи ознаката IX1.
Во нашиот случај, Х1 е погонуван од 2.0 литатрски турбо дизел агрегат што располага со 150 КС кои се добиваат од агрегатот со внатрешно согорување и дополнителни 19 КС од благиот хибриден погон за вкупна системска моќ од 163 КС. Комбинираната влечна сила изнесува округли 400 Нм, од кои 360 Нм се дело на дизелскиот моторот и 55 Нм на електричниот систем. Ваквата комбинација овозможува малиот елктро генератор да го стимулира забрзувањето, а воедно и да го исклучи во целост користењето на моторот со внатрешно согорување при крстаречки брзини на отворен пат, овие две ставки се особено важни и директно влијаат на ефикасноста и динамиката на возилото. Како награда доаѓа просечната потрошувачка која не ја преминува границата од 7 литри, а од друга страна забрзувањето до 100 км/ч од 8,5 секунди.
Силата се пренесува преку 7 степен автоматски менувач со двојна спојка, погонот е изведен по теркот xDrive и е насочен првенствено кон предната осовина, а по потреба ги ангажира и задните тркала. Се разбира, како што е пракса во новото време, сето тоа е проследено со неколку модови на работа кои се секогаш достапен избор на возачот.
Во поглед на возните карактеристики Х1 е токму она што се очекува од едно BMW, не велиме дека е на ниво на седаните на компанијата, но за SUV возило е доста спортски насторен, иако не е опремен со М пакет. Управувачот е директен и испраќа доволно повратни информации до возачот. Насмевката на лицето доаѓа со избирање на спортскиот режим на работа, тогаш агрегатот и реакцијата на благиот хибриден систем се спремни во секој момент да испорачаат се што во другите режими на возење чувале во резерва. Потпирањето делува подготвено и рафинирано, реагира правовремено на сите предизвици кои му ги поставивме, а позитивното изненадувањето доаѓа од комодитетот што го испорачува, тука голема заслуга имаат и соодветните димензии на тркалата кои ја имаат задржано пристојната големина од 18 инчи.
Моделот X1 ги зема сите препознатливи традиционални вредности на BMW и ги пакува во SUV форма со особено привлечна надворешност. Дополнително, во комплетот доаѓаат најсовремена технологија и изобилство на простор. Ако на ова се додадат возните карактеристи и можностите на xDrive погонот се добива производ кој што ја продолжува низата на своите преходници, подигнувајќи ја границата за скалило погоре.
Технички податоци за BMW X1 xDrive20d
Цена на тестираниот модел: 62.070 евра
мотор | Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.195 см3 |
пречник и од | 84,0 x 90,0 мм |
степен на компресија | 16,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 3.750-4.000 min/-1 |
макс. вртежен момент | 360 Нм при 1.500-2.500 min-1 |
максимална моќ на ел.мотор | 19 KС (14 kW) при 0 min/-1 |
макс. вртежен момент | 55 Нм при 0 min-1 |
максимална системска моќ | 163 KС (120 kW) |
макс. вртежен момент | 400 Нм |
трансмисија | на сите тркала преку 7-степен автоматски менувач |
потпирање | напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/50 R18 (напред) 225/50 R18 (позади) |
каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.500 x 1.845 x 1.642 мм |
меѓуоскино растојание | 2.692 мм |
траги (напред/назад) | 1.592/1.593 мм |
тежина | 1.765 кг |
максимална тежина | 2.260 кг |
багажник | 500/1.545 литри |
резервоар | 45 литри |
максимална брзина | 210 км/ч |
забрзување 0-100 км/ч | 8.6 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | ,/,/5,4 л/100 км |
емисија на CO2 | 127-142 г/км |
BMW X1 во Македонија
BMW X1 sDrive18i | 45.360 евра |
BMW X1 sDrive20i | 47.280 евра |
BMW X1 xDrive23i | 62.390 евра |
BMW X1 xDrive25e | 59.270 евра |
BMW X1 xDrive30e | 62.450 евра |
BMW X1 xDrive30 | 65.900 евра |
BMW X1 sDrive18d | 46.900 евра |
BMW X1 xDrive20d | 51.520 евра |
BMW X1 xDrive23d | 55.040 евра |
Повеќе информации во М Кар на тел. (02) 30 96 600 или на www.bmw.com.mk
Конкуренти:
Mercedes GLB | од 48.990 до 72.990 евра |
Volvo XC 40 | од 39.800 |
Range Rover Evoque | / |
Audi Q3 | / |
Jaguar E-Pace | / |