Ексклузивно: Авто Плус на регионалната презентација на KTM X-Bow GT-XR
Моделот X-Bow GT-XR е производ на реномираниот KTM кој едноставно може да се опише како нешто најблиску до чистокрвен тркачки автомобил претворен во улично легално возило кое во потполна смисла го преставува „Ready to race“ слоганот на компанијата. Тоа го прави преку своите 500 КС и исклучително ниската тежина која е помала од 1.200 кг. Создаден за ентузијасти кои можат да си дозволат да ја искусат нескротлива динамика на овој уникатен примерок.
Авто Плус имаше ексклузивна можност на покана од Гранд Аутомотив кој во Македонија е застапена преку Гранд Ауто овластен импортер за возилата на Ford, Hyundai, MG и Chery да присуствува на регионалната презентација на KTM X-Bow GT-XR која се одржа во Загреб, со што е означен и официјалниот почеток за продажба на овие автомобили во регионот.
Австриската компанија КТМ е позната по своите возила на две тркала, мотоциклите и велосипедите се нивниот „core“ бизнис. Но, само вистинските познавачи знаат дека освен нив, КТМ произведува и автомобили. Првиот KTM X-Bow светлото на денот го здогледа во 2008 година на „Женева Авто Шоу“ и веднаш крена многу прашина во автомобилските кругови, пред се со својот радикален дизајн и апсолутниот фокус на уживањето во возењето. Првично беа најавени 500 примероци, но поради голем интерес производната бројка е зголемена на 1.000 парчиња. Со таа цел, компанијата отвара посебна дивизија наречена KTM Sportscars и гради фабрика во близината на Грац во Австрија каде рачно се произведуваат овие ремек дела на 4 тркала.
Роден на патека
Со текот на годините се нижеа и разни верзии, R, RR, GT со распон на моќност која варира од 240 КС до максимални 360 КС. Петнаесетина години подоцна, на светот му е прикажан и најновиот модел, кој сега ја подига летвичката уште погоре и за разлика од своите предходници, слободно може да кажеме дека влегува во категоријата на суперавтомобили. Зошто го велиме тоа? Кај повеќето автомобилски компании кога се развива некој модел првично тој е наменет за употреба на улица, а потоа доаѓа неговиот натпреварувачки дериват. Во KTM процесот оди во спротивен правец, прво е подготвена тркачката верзија, па потоа е направена изведбата која е дозволена за секојдневна употреба. Овој податок говори многу за тоа каков автомобил е X-Bow GT-XR.
Резултатот е спектакуларен автомобил кој повеќе личи на тркачки автомобил отколку на она што денес се подразбира како суперавтомобил. При првиот визуелен контакт, тешко е да поверувате дека вакво нешто може да добие хомологација за возење на пат. Автомобилот е широк повеќе од два метра, поставен на само 9 см од асфалтот, полн со софистицирани аеродинамични додатоци и целосно изработен од карбон, како вистински тркачки автомобил! По воодушевувањето на надворешноста следи вистинскиот спектакл, т.е моментот кога ќе се обидете да ја отворите вратата. Стандардни врати всушност и нема, процедурата за влез повеќе личи на онаа кога се влегува во воен (ловец) авион. Целата купола, заедно со кровот и ветробранското стакло се крева хидраулично. За да влезете во автомобилот, треба да го преминете високиот и широк страничен „monocoque“ дел, а предходно да биде отстранет управувачот, како во болид од Формула 1.
Пилотска кабина
Во внатрешноста се е сведено на минимум. Пред возачот има мал тркачки управувач на кој се интегрирани дигитален инструмент и бројни копчиња кои ги контролираат трепкачите, светлата, командите на брисачот, како и прекинувачи за опциите поврзани со самото возење. Во кабината има уште три екрани кои се задолжени да проектираат „live feed“ како замена за класичните ретровизори што ги нема од аеродинамички причини. Во автомобилот се вградени пет звучници, но нема класично радио, вашите омилени ноти можат да ги слушате единствено доколку го поврзете мобилниот телефон.
Еден од главните делови се и седиштата/кадичките се изведени во класичен „racing“ стил со појаси со шест точки. Нивната поставеност е филксна, а за да се најде најдобрата возачка позиција се поместуваат педалите за забрзување и сопирање. Иако е сосема ирелевантно во случајов, интересно е да се напомене дека веднаш зад седиштата и пред моторот, може да се пристапи до багажник со солидна големина од 160 литри со отворање на специјален капак кој го покрива моторот дел.
Чистокрвен тркач
Кога веќе го спомнавме срцето на автомобилот треба да кажеме дека станува збор за легендарниот петцилиндричен 2,5-литарски турбо мотор од полиците на Audi, но дополнително е доработен од KTM да развива дури 500 КС при 6.350 врт/ мин и испорачува максимална влечна сила од 581 Нм. Силата се испраќа на задните тркала преку 7 степен автоматски (DSG) менувач. Наведените податоци овозможуваат забрзување до 100 км/ч за само 3,4 секунди, а автомобилот достигнува 200 км/ч за нешто повеќе од 10 секунди, меѓузабрзувањето од 100-200 км/ч е за само 7 секунди, додека максималната брзина е 280 км/ч.
Покрај моќниот мотор, малата тежина од 1.130 килограми и практичната тркачката суспензија која е дело на специјалистите од Sachs, има и моќни сопирачки со осум клипа напредите тркала и шест клипа на задните тркала. Според светската тест циклус процедура за потрошувачка на гориво (WLTP) на KTM X-Bow GT-XR му се потребни само 9,1 литри за да измине 100 километри, што е неверојатно ниско за ваков тип на автомобил. Што од друга страна значи дека со резервоарот за гориво со зафатнина од 96 литри, опсегот на возење изнесува повеќе од 1000 километри.
Загарантираниот адреналински шок и ексклузивност доаѓаат како стандарт во пакет по цена повисока од 400.000 евра. А оние кои може да си дозволат, најдобро е да стапат во контакт со Гранд Ауто во Скопје како би го обезбедиле својот индивидуално специфициран автомобил кој е предвиден да биде рачно произведен во само 100 примероци на годишно ниво.
Инженерско ремек-дело
„X-BOW GT-XR е ремек-дело на инженерството и дизајнот. Овој автомобил е врв на неуморната посветеност и страст, безброј часови изработка и немилосрдно стремење кон совршенство. Ги поместивме границите и редефиниравме се што е можно. Овој суперавтомобил не е само врв на автомобилските перформанси, туку и доказ за тоа што може да постигне човечката генијалност.’
„Горд сум што беше препознаена оваа единствена можност за соработка со КТМ Sportcar, од која може да се случат само неверојатни работи. Овој деловен потфат не само што ја зајакнува групацијата Гранд Аутомотив како лидер во регионот, туку покажува и посветеност на исполнувањето на различните потреби и желби на нашите клиенти“, рече менаџерот на брендот и член на одборот на Гранд Ауто-Хрватска, Матија Пинтариќ.
„КТМ го направи спротивното: произведевме чистокрвен тркачки автомобил пред да го претвориме во патен автомобил. Нашите намери вклучуваат производство и испорака на 100 рачно составени автомобили X-BOW GT-XR годишно до клиентите ширум светот, што го прави супер-ексклузивен и ограничен“, додаде Михаел Вулфлинг, извршен директор на KTM Sportcar.