Тест Toyota bZ4X: Нови хоризонти
Јапонската Toyota го отвара електричното („beyond zero“) поглавје со SUV моделот bZ4X, првиот во низата од петнаесетина модели кои треба да пристигнат во „електрични бранови“ следните 2 години.
Најголемата автомобилска компанија во светот до сега нема произведено целосно електричен автомобил, наместо тоа, во изминатите години Toyota во голема мера беше фокусирана на своите одамна етаблирани хибридни модели. Додека некои критичари сугерираат дека токму успехот на хибридните модели значи и бавен приклучок на пазарот за електрични возила, компанијата има сосема поинаков став на оваа тема.
Од Toyota велат дека се работи за целосно нов стратегиски план кој треба да ја означи нејзината посветеност да оди „beyond zero“, така што не се работи само за правење електричен автомобил со нула емисии на штетни гасови, туку и за создавање на вистински отпечаток од нула штетни честички за време на целиот процес што истовремено ќе донесе подобрување за животот на поширокото општество. Честа да ја предводи поворка со која Toyota го отвара целосно електричното поглавје на глобалната сцена му припадна на SUV моделот bZ4X, првиот во низата од 15-на модели кои треба да пристигнат во следните 2 години.
Футиристичкa појава
Јапонската марка во последно време дизајнира автомобили со многу прогресивен израз кој користи остри и чисти линии, што директно се одразува и на надворешниот изглед кај овој модел. bZ4X е возило со стил што привлекува внимание и веднаш го обзнанува својот статусот на електрична припадност. Неговиот силен дизајнерски печат е засилен со издлабени, остри агли кои му даваат агресивен став. Предниот дел во исто време изгледа футуристички и аеродинамичен. Поклопецот на моторот со црно обоен акцент му дава на предниот дел уникатен изглед, додека хромираните детали на тенката долна решетка за довод на воздух, заедно со хромираните оквири на прозорците и 20-инчните алуминиумски тркала со машински обработени краци содаваат засебен визуелен отпечаток во целината. Лаковите над предните тркала се изведени на несекојдневен начин со големи пластични облоги кои покрај естатската имаат и функционална улога.
Задниот дел на bZ4X го обележува светлосните групи кои поминуват низ средината и завлегуваат како краци во делот од страната на каросеријата. Поделениот кровен спојлер помага визуелно да се долови слегувачката, купе линијата на покривот и да додаде одреден спортски карактер на задниот дел. Во целина, нешто сосема различно од она што сме навикнати да сретнеме во понудата на Toyota, а поблиску до гамата на Lexus, што само по себе е комплимент.
Нови својства
Внатре, bZ4X канализира распоред на пилотската кабина со асиметрични линии во „sci-fi“ стил. Ова е највеќе забележливо од возачката позиција каде 7 инчниот екран на инструмент таблата е поставен напред, речиси до основата на ветробранското стакло. Необичниот пристап кон ергономијата малку го отежнува поставувањето на управувачот во идеална возачка положба, но благодарение на големиот број подесувања на седиштето посакуваната позиција брзо се пронаоѓа, а дисплејот е целосно во видното поле.
Моделот bZ4X ги задржува нормите на квалитет на градење и удобност на Toyota, но со употреба на некои нови својства и материјали за преслекување на одредени површини кои многу добро се вклопуваат во целината. Просторот за нозете на патниците од задната клупа е импресивен, а ниту повисоките лица нема да го допираат кровот. Багажникот е со капацитет од 452 литри, нешто помалку од некои слични модели, но со правилен облик и добро осмислен дизајн што го прави максимално практичен. Удобноста и исклучително ниската бучава во кабината е страната која ќе ја ценат сите што комфорот го ставаат на прво место.
Оваа верзија на bZ4X вклучува одличен 12,3-инчен дисплеј кој има брз одговор на допир и интуитивно дотерани менија што го прават лесен за управување. Системот е компатибилен за „wireless“ поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, а за одлагање на вашиот телефон е предвидена одлично дизајнирана мала преграда која овозможува и безжично полнење. Во Toyota разислуваат поинаку, доказ за тоа е присуството на физички команди за климата и некои од секундарните функции кои ви се секогаш на дофат, без непотребно да пребарувате по скриените подменија на екранот.
Ако воопшто не сакате да ги користите прстите тука е извонредно способниот виртуелнен асистент кој може да заврши голем дел од работата за вас со едноставно повикување „Нey Toyota“. За да се здоволат потребите на аудиофилите задолжен е системот на JBL со 9 паметно распоредени звучни кутии низ кабината кои се грижат за максимално уживање во омилените музички ноти.
Безбедно, сигурно и удобно
Toyota за bZ4X подготви две изведби, со погон на предните или со погон на сите тркала, и разлика во моќноста која ја испорачуваат електричните мотори. Иако разликата во моќноста е минимална (14 КС), AWD изведбата располага со поголема влечна сила која е расподелена подеднакво, по 168 Нм на секоја електричен мотор, што е добредојдено во потешки услови на возење. Нашиот тест автомобил беше верзијата AWD со мотор од 160 kW, што по „старо“ значи 218 КС. Ова се преведува како 0-100 км/ч за 6,9 секунди што е доста солидно постигнување за возило со тежина од речиси 2.000 килограми. Едноставно кажано, bZ4X не ги следи останатите електрични кросовери, туку игра по свои правила. Посебниот off-road режим, наречен X-Mode, е позајмен од Subaru, со кого Toyota има тесна соработка при креирањето на овој модел, затоа сметаме дека има полн кредибилитет.
Моделот bZ4X може удобно да оди таму каде што завршуваат тротоарите и површините се далеку од урбани, додека го задржува своето послушно управување и добриот квалитет во возење, што одлично се вклопува во неговата мисијата. Безбедно, сигурно и удобно се можеби зборовите што најдобро го опишува начинот на кој bZ4X се однесува во секојдневниот сообраќај. Автомобилот делува ултра стабилен на пат, но тоа го изведува на начин без да го прави возењето круто и непријатно. Управувањето е подесено да биде лесно и предвидливо, соодветно на темата суспензијата е наклонета кон комфорната страна, затоа bZ4X воопшто нема спортски режим на работа. Изборот е помеѓу Eco и Normal, модовите на возење, а можноста за регенеративно дополнување дозволува нешто многу блиску до возењето со една педала што се сретнува и кај другите електрични возила, иако за целосно застанување треба да се притисне на сопирачките.
Опсегот на движење е прилично пристоен, но не и импресивен. Моделот bZ4X е опремен со батерија од 71,4 kWh, од кои 64 kWh се употребливи. Производителот гарантира дека нејзините својства нема да опаднат под 70% во период од 10 години или милион изминати километри. Полнењето на литиум-јонските ќелии може да се изведе преку брз полнач, а максималната моќност која може да ја прими е 150 kW, со што батеријата од 10% стигнува до 80% за помалку од 30 минути. Во реални услови на користење низ град, 350 километри се изводливи во секое сценарио, додека потрошувачката расте кога се вози на отворен пат со поголеми брзини, во овој случај лимитот е во зоната од 300 километри со полна батерија.
Севкупно гледано, Toyota со моделот bZ4X влегува во светот на електрични SUV возила со ефикасни перформанси, атрактивен и несекојдневен дизајн и прегршт напредни технологии, позиционирајќи се како достоен конкурент со врвна доверливост.
Цена на тестираниот модел 62.990 евра
Технички податоци за Toyota bZ4X AWD Luxury Premium
Мотор | Електричен |
максмална моќ | 160 kW (218 КС) |
макс. вртежен момент | 336 Nm |
Трансмисија | На сите четири тркала преку директен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред вентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | напред: 235/50 R20 назад: 235/50 R20 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.690 х 1.860 х 1.600 мм |
меѓуоскино растојание | 2. 850 мм |
траги (напред/назад) | 1.600 / 1.610 мм |
Тежина | 1.920 кг |
максимална тежина | 2.550 кг |
багажен капацитет | 452 литри |
максимална брзина | 160 км/ч |
забрзување (0-100 км/ч) | 6,9 секунди |
капацитет на батерија | 64 kWh (бруто 71,4 kWh) |
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија | 15,9 – 17,9 kWh/100 km |
времетрање на полнење | AC 11 kW 0-100% 6:04 мин, DC 150 kW 10-80% 0:30 мин. |
автономија на движење | 458 километри |
емисија на CO2 | 0 г/км |
Toyota bZ4X во Македонија:
Toyota bZ4X FWD 150 kW Comfort | 50.990 евра |
Toyota bZ4X FWD 150 kW Executive | 55.890 евра |
Toyota bZ4X AWD 160 kW Executive | 58.790 евра |
Toyota bZ4X AWD 160 kW Luxury | 61.690 евра |
Toyota bZ4X AWD 160 kW Luxury Preemium | 62.990 евра |
Повеќе информации во Тојота Авто Центар, на (0) 2 30 88 880 или на www.toyota.com.mk
Конкуренти:
Hyundai IONIQ5 | од 47.000 до 65.000 евра |