Nio ќе го лансира влезниот бренд Firefly во Европа во 2025
Кинескиот производител сè уште не ги потврдил цените за планираната палета на модели од брендот Firefly кој ќе пристигне во Европа
Nio има намера да го лансира својот долгоочекуван подбренд Firefly во Европа во 2025 година со амбиција да им конкурира на повеќе етаблирани и традиционални производители на автомобили.
Вестите за брендот Firefly првпат се појавија минатата година со извештаи дека ќе се фокусира на возила со цена помеѓу 100.000 јуани (околу 13.000 евра) и 200.000 јуани (25.500 евра). Исто така, се смета дека Nio развива втор подбренд познат како Alps кој ќе нуди модели со цени помеѓу 200.000 јуани (25.500 евра) и 300.000 јуани (38.500 евра), додека самиот бренд Nio ќе се наметне како врвен бренд во понудата и знаменосец на компанијата.
Претседателот на Nio, Лихонг Чин, на неодамнешната онлајн прес-конференција, откри дека брендот Firefly доаѓа во Европа во 2025 година, иако не успеа да потврди колку ќе чинат неговите модели. Тој рече дека Firefly, како и Alps, ќе произведува автомобили за семејства, со тоа што оние од Firefly ќе бидат помали, пренесува Reuters.
Alps останува енигма
Интересно, шефот на Nio не откри никакви детали за брендот Alps во Европа. Во октомври 2022 година, се појавија извештаи дека Nio ќе го лансира овој бренд од средно ниво некаде во 2024 година, прво во Кина, а потоа и во Европа само неколку месеци подоцна. Се очекува да ги таргетира продажните пазари каде што автомобилите на масовниот пазар доминираат на продажните табели, за разлика од Германија каде што премиум моделите од Mercedes-Benz, BMW и Audi се многу почести. Тој ги посочи земјите како Франција, Италија и Шпанија каде што Alps најпрво би можеле да ги продаваат своите модели.
Моделите на Nio кои моментално се продаваат во Европа се со цена помеѓу 50.000 и 91.000 евра, што ги прави премногу скапи за да се продаваат во особено високи бројки. Лансирањето на брендовите Alps и Firefly ќе го промени ова и треба да ги направи моделите од Nio многу почеста глетка на европските патишта.
Брендовите Firefly и Alps се очекува да работат независно од Nio и да имаат свои тимови за истражување и развој.