fbpx

Шефот на Renault предлага европска алијанса како одговор на Кина

Соединувањето во паневропски производител на ЕВ може да им помогне на компаниите да се натпреваруваат со кинеските производители

Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, ги повика европските производители на автомобили да се обединат и да формираат конгломерат во стилот на Аirbus за производство на електрични возила со пристапни цени способни да се натпреваруваат со кинескиот увоз што го освојува континентот.

Airbus беше создаден во 2000 година како заеднички потфат меѓу европските воздушни компании. Тој е поддржан од европските влади, а компаниите се собраа за да се натпреваруваат против големите американски компании, како Boeing.

Според Де Мео, европските производители на автомобили треба да направат нешто слично за да се натпреваруваат со растечкиот прилив на достапни електрични возила од Кина, кои се појавија како моќник во сегментот. Извршниот директор на француската марка истакна „треба да бидеме креативни за да најдеме решение“ пренесува Auto News Europe.

„Партнерите можат да ја споделат инвестицијата и да ги намалат трошоците“ за производство на нови возила, истакна Де Мео за време на Салонот во Женева. Тој, исто така, посочи на примерите од минатото кога соработувале европските производители на автомобили, како на пример на платформата „Type 4“ во 80-тите, која ја споделуваа Alfa Romeo Fiat, Lancia и Saab.

Renault веќе е во разговори со Volkswagen за споделување на платформата AmpR што го поткрепува Renault 5 и ќе се најде и кај помалото Twingo, електричен автомобил што производителот планира да започне со продажба со цена од 20.000 евра.

Европски ланец на вредности

Според Де Мео, предизвикот на таков проект би бил создавање на европски ланец на вредности кој вклучува батерии, мотори и електроника, како што направија кинеските производители на автомобили. „Целта е да се набави сè во Европа по конкурентна цена“, рече Де Мео.

Тој понатаму тврди дека брзото создавање автомобили ќе биде голем предизвик за европските производители на автомобили. Тој рече дека Renault го скрати времето на развој на своите ЕВ од четири на три години за Renault 5, а ќе го намали на две години за Twingo.

„Брзината е важна против Кинезите“, рече тој. „Ние сме во неизвесен свет. Во минатото, со автомобилите со внатрешно согорување, можеше да се предвиди што доаѓа“.

Дополнително, Де Мео истакна дека правилата на ЕУ треба да овозможат мали јапонски „кеи“ автомобили во урбаните средини, намалување на данокот на додадена вредност на малите ЕВ со мали батерии или овозможување малите возила да имаат бесплатен паркинг за да се поттикне нивното користење.

Поврзани вести

Back to top button