Alfa Romeo има нов дизајнерски шеф

Дизајнерскиот оддел на Alfa Romeo од денеска ќе биде управуван од страна на Алехандро Месонеро-Романос кој пристигнува од Renault

Алехандро Месонеро-Романос, индустриски ветеран, ќе биде новиот дизајнерски шеф на Alfa Romeo. Шпанецот доаѓа од редовите на Renault, а зад себе има импресивна биографија како член на Seat. Дипломирал на Royal College of Art во Лондон, тој е еден од најзаслужните за дизајнирањето на втората генерација на Renault Laguna, по што се приклучи на Seat во 2011 година како дизајнерски директор, за во јули минатата година да се врати во француската компанија.

Според италијанската марка, „храбриот стил на Месонеро довел до ренесанса на шпанскиот бренд. За времето поминато во Seat, тој беше еден од задолжените за дизајнот на Cupra Tavascan и Formentor, а исто така стоеше зад проектите за четвртата генерација на Leon и петтата генерација на Ibiza.

Во Alfa Romeo, работата на Месонеро-Романос ќе се фокусира на освежување на брендот и ќе го предводи процесот на електрификација и модернизација. Во својата нова улога, тој ќе му одговара исклучиво на извршниот дизајнерски директор на Stellantis, Жан Пјер Плуе.

„Пристигнувањето на Алехандро е голема можност и шанса за Alfa Romeo. Месонеро-Романос е автомобилски ентузијаст и заврши одлична работа во Cupra. Јас и дизајнерскиот тим со нетрпение исчекуваме да започнеме соработка со него“, изјави Плуе.

Alfa Romeo, како и Stellantis групацијата, ветија обновен фокус на електрификацијата. Поради тоа, италијанскиот бренд ќе ја отфрли Giorgio платформата на Giulia и Stelvio и истата ќе ја замени со новата STLA архитектура која ќе биде основата и за идните модели на Maserati.

Извршниот директор на италијанската компанија, Жан Филип Импарато истсакна дека е „среќен што може да се насочи на престојните предизвици во Alfa Romeo со амбициозна личност како Алехандро Месонеро-Романос. Ова партнерство очекува да донесе успех за брендот“.

Поврзани вести

Back to top button