fbpx

Alpine го претстави новото ограничено издание A110 Légende GT

Alpine го претстави моделот A110 Légende GT кој пристигнува во ограничено издание, а чија цена изнесува 69.300 евра

Францускиот производител Alpine во септември го претстави својот тркачки модел, како логичен додаток на А110 линијата, а пред неколку недели се појави и интересниот купе-кросовер концепт, кој е замислен да ги демонстрира теренските потенцијали на A110. Сега, Alpine ја лансираше и својата лимитирана едиција базирана на А110 со Légende GT суфикс во своето име, со кој ја подигнува елеганцијата на овој премиум спортски автомобил на сосема ново ниво, благодарение на специјално и по мерка направените компоненти од внатрешноста формирајќи софистицирана естетика.

Францускиот производител го опишува ова купе како „најрафинираната интерпретација на A110 досега“ а Légende GT, Alpine ќе го понуди во само 400 примероци со богата опременост, а чија цена изнесува 69.300 евра. За оние кои ќе се одлучат да го купат овој автомобил, францускиот производител нуди три бои на каросеријата како Mercury сива, Deep црна и Abyss сина, а профилираните седишта во кабината на ова купе се обложени во светло кафена кожа која се наоѓа и на горниот дел од вратите. Бледо-златните Alpine монограми и 18-инчните Serac тркала, исто така во бледо-златна нијанса, пристигнуваат како суптилен контраст на боите на каросеријата. Белите LED светла го издвојуваат Alpine A110 Légende GT од останатите модели на А110.

Alpine A110 Légende GT

Alpine ќе произведе само 400 примероци од А110 Légende GT

Како потсетник дека станува збор за лимитирано издание се и новите алуминиумски фелни, но и неизбежната алуминиумска плочка со серискиот број која е поставена на долниот дел од централната конзола. Во стандардната опрема на автомобилот се и кожните куфери во боја на седиштата. Автомобилот пристигнува и со активен спортски издувен систем, надградени Brembo очници, паркинг сензори, камера на задниот дел и Focal стерео систем кои гарантираат уживање во секојдневното возење за купувачите на овој А110 Légende GT.

A110 Légende GT се напојува со централно поставениот 1,8-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор на Renault кој развива 252 КС и 320 Nm максимален вртежен момент, што е доволно за овој автомобил со погон на задната осовина од 0 до „стотка“ да стигне за 4,5 секунди и да развие максимални 250 километри на час.

Покрај лимитираната серија, Alpine исто така ќе воведе и A110 Color Edition програма, која на годишен план на заинтересираните купувачи ќе им нуди поинаква комбинација на бои. За 2020 година Alpine ќе ја користи Jaune Tournesol (сончогледово) жолтата боја која беше препознатлива за овој производител во минатото, со контрастни црни елементи, тркала од 18 инчи и инсертации во LED фаровите. A110 Color Edition ќе биде достапен за порачка до крајот на годината, со почетна цена од 71.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button