Aptera 3 е електрично возило со 1.600 километри автономија
Малата компанија по името Aptera го претстави своето електрично возило кое ветува автономија на движење од околу 1.600 километри со едно полнење
Компанијата Aptera најавува дека нивното електрично возило може да помине убедливо најголема дистанца со едно полнење на батеријата од сите останати конкуренти и електрични возила. Автономијата на Aptera 3 кој е автомобил со три тркала, допрва треба да биде проверена.
Благодарение на својот уникатен дизајн и форма, како и неверојатно нискиот коефициент на отпор од само 0.13, му овозможува на Aptera 3 да го „сече“ воздухот и да користи само 100 ват-часови енергија по изминати 1,6 километри. Возилото е опремено со голема 100 kWh батерија (оттаму и пресметката за 1.600 километри автономија) и исто така пристигнува со соларни панели на покривот кои можат да додадат дополнителни 64 километри опсег за време на сончевите денови. Дополнителни 39 километри можат да бидат додадени ако купувачите се одлучат за дополнителни соларни панели на хаубата и задната врата.
Aptera 3 ќе добие и други варијанти. Како базичен модел се нуди верзијата опремена со 25 kWh батерија која е доволна за 402 километри автономија со едно полнење. Во понудата е и модел со 40 kWh батерија со 644 километри автономија, како и верзија со батерија од 60 kWh која нуди опсег на движење од 966 километри.
Различни моторни конфигурации ќе се нудат зависно од варијантата. Се уште нема информации за моќноста, но моделите со погон на предните тркала треба да го достигнат спринтот до 60 милји на час (96 км/ч) за 5,5 секунди, додека „знаменосецот“ со погон на сите три тркала го достигнува истиот спринт за 3,5 секунди. Клучот за овие перформанси лежат во тоа што Aptera 3 со 100 kWh батерија тежи помалку од 1.000 килограми, додека можноста за брзо полнење значи дека може да ја полни батеријата за 804 километри по час.
Цените за Aptera 3 стартуваат од 25.900 долари и достигнуваат до 46.000 долари зависно од опциите.