Ares Design препородува модели и на Ferrari
Новата компанија на поранешниот шеф на Lotus, Дани Бахар, Ares Design, ја започна многу активно 2018 година
Пред само неколку дена компанијата ја претстави „модерната верзија” на De Tomaso Pantera – Project Panther, со дизајн сличен на оној на легендата, базиран на Lamborghini Huracan.
Заедно со првиот прототип на Project Panther, Ares Design претстави во Модена и уште еден проект, повторно на супер автомобил. Проектот сега е во нацрт-фаза и неговото име е Project Pony, а за новиот автомобил се користи инспирација од GT моделите на Ferrari, произведени помеѓу 1972 и 1989 година. Тоа се изведбите 365 GT4 2 + 2, 400 и 412. Овие автомобили се со V12 мотори монтирани напред, а 400-ката, беше исто така достапна со автоматски менувач.
Project Pony ќе ја користи шасијата на Ferrari GTC4Lusso, со 6.3-литарски V12 мотор со 690 коњски сили и 7-брзински роботски пренос, што доаѓа од донаторот. Работната верзија на Ares Design ќе биде во стилот на 412-ката и ќе биде направена од композитни материјали.