Aston Martin го претстави моќниот Vanquish Volante
Vanquish Volante е најновото ремек дело на Aston Martin, а воедно е и најбрзиот и најмоќниот кабриолет со мотор кој е поставен напред

Aston Martin ја прославува 60-годишнината од името Volante со премиерата на Vanquish Volante – отворената верзија на својот препознатлив модел. Овој луксузен кабриолет ги дели истите впечатливи перформанси како купе-верзијата, но со дополнителната магија на возење под отворено небо.
Со битурбо 5,2-литарски V12 мотор што развива 824 КС и 1.000 Nm вртежен момент, Vanquish Volante е најбрзиот и најмоќниот сериски автомобил со предно поставен мотор на пазарот. Енергијата се пренесува на задните тркала преку 8-брзински ZF автоматски менувач со електронски диференцијал.
Подобрена рамка и брзина до 344 км/ч
Без фиксен кров, Aston Martin ја засили шасијата за да ја задржи крутоста, додека тежината е зголемена само за 95 кг во споредба со купето. Инженерите ги прилагодиле и адаптивните амортизери Bilstein DTX за подобар баланс.
Иако е кабриолет, Vanquish Volante ја достигнува истата максимална брзина од 344 км/ч како верзијата со фиксен кров, што го прави побрз од Ferrari 12Cilindri Spider (340 км/ч). Меѓутоа, забрзувањето 0-100 км/ч трае 3.4 секунди (наспроти 2.95 секунди кај Ferrari).
Елегантен дизајн и луксузен ентериер
Volante-верзиите на Aston Martin секогаш делувале поатрактивно од нивните купе-варијанти, и Vanquish Volante не е исклучок. Текстилниот кров (што се отвора за 14 секунди) ги нагласува скулптурните линии на каросеријата. Задниот дел е поедноставен, без спојлер, но со подобрена топлинска и звучна изолација.
Ентериерот е ист како кај Vanquish, но со дополнителни копчиња за управување со кровот и ADAS системот. Како дел од стандардната опрема се вклучени два 10.25-инчни екрани и премиум Bowers & Wilkins аудио систем со 15 звучници.
Стандардните Sport Plus седишта можат да се заменат со карбонски Performance седишта, , а тука е и полесниот и погласен титаниумски издувен систем, а купувачите ќе добијат и кожен сет за багаж.
Ексклузивност и достапност
Aston Martin Vanquish Volante веќе е достапен за нарачка, со првите испораки закажани за третиот квартал од 2025. Сепак, производството ќе биде ограничено – помалку од 1.000 примероци годишно за целата Vanquish фамилија.
Преку Q by Aston Martin, купувачите можат да го персонализираат својот автомобил со бескрајни опции за прилагодување.