Aston Martin објави тизер за своето враќање во Formula 1

Formula 1 фановите наскоро ќе имаат можност да го видат враќањето на Aston Martin на гран при трките за прв пат по шест децении

По цели 60 години Aston Martin се враќа во Formula 1, а дебито на британскиот производител е закажано за 21 март, кога ќе започне новата сезона од најбрзиот циркус на планетата во Австралија. Во претходните години, британскиот бренд имаше доста успеси во мотоспортот, вклучително и неколку победи во различни класи на 24 часа Ле Ман. Прашањето е колку тој успех ќе може да се пренесе во најпопуларните спортски трки на планетата – Formula 1?

Сето тоа останува да се види, а во меѓувреме ни пристигнува мал поглед во она што можеме да го очекуваме од Aston Martin F1, барем кога станува збор за изгледот на болидот. Официјалното тизер видео прикажува микс на бои кои вклучуваат British Racing Green, Sterling Green и Neon Yellow – бои кои се синоним за британскиот производител.

Тимот ќе ја претстави „униформата“ на својот F1 автомобил во текот на следниот месец, заедно со четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел и Ленс Строл, како дел од поставата.

„Имавме речиси една година за подготовка да го достигнеме овој момент и навистина со нетрпение очекуваме да ја видиме реакцијата кога конечно ќе го претставиме новиот идентитет како Aston Martin Formula One Team. Да се претставува еден таков легендарен бренд е голема привилегија за секој член на тимот. Се надеваме дека ќе го претставуваме името Aston Martin на достоен начин“, изјави шефот на тимот, Отмар Шафнауер.

Новата сезона од Formula 1 ќе донесе голем број промени, каде покрај тоа што Aston Martin ќе го замени Racing Point, ќе сведочиме и на уште еден важен момент каде Alpine ќе го заземе местото на Renault.

Поврзани вести

Back to top button