Audi ги претстави E-Tron S и E-Tron S Sportback

E-Tron S и Е-Tron S Sportback во форма на купе се новите членови на семејството на електрични кросовери на германскиот бренд Audi

E-Tron S и E-Tron S Sportback се модели кои се фокусирани на перформансите, кои во Boost Mode испорачуваат 496 КС, што е значително повеќе во однос на 402 КС кога станува збор за веќе постоечките модели исто така во Boost Mode. Од друга страна, во нормалниот режим, S моделот развива 405, а стандардната верзија 355 КС.

E-Tron S моделите забрзуваат од нула до „стотка“ за 4,5 скеунди и достигнуваат до електронски ограничената максимална брзина од 211 километри на час. Двата модели имаат ист капацитет на батерии од 95 kWh како и стандардните модели на Audi E-Tron.

Дополнителната моќност кај E-Tron S доаѓа благодарение на додавањето на уште еден електромотор на задната осовина, што значи дека овие модели сега имаат три електромотори задолжени за нивниот погон. При возење во нормален режим, тогаш функционираат единствено задните електромотори, а предниот се вклучува кога возачот сака поголема моќност и посилни перформанси.

Кога станува збор за удобноста при возењето, моделите стандардно пристигнуваат со адаптивен систем на потпирање, а зависно од режимот на возење, системот може да ја менува висината за 76 милиметри. Audi не направи многу за да ги разликува S моделите од постоечките верзии. Забележителен е новиот браник и всисувачите за воздух, како и поистакнатиот дифузор од задната страна. Исто така, тука е и новиот сет од 20-инчни тркала, но купувачите можат да изберат и сет од 22-инчни тркала.

Внатрешноста исто така не се разликува од постоечките E-Tron модели. Електронски подесувачките спортски седишта се стандардни, а S ознаките се присутни во кабината. Купувачите можат да доплатат за седишта со подебели странични потпори, како и климатизирани седишта со перфорирана кожа.

Audi засега не ги открива цените на новите E-Tron S модели.

Поврзани вести

Back to top button