fbpx

Audi ги претстави Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback

Германскиот производител Audi премиерно ги прикажа двата нови членови на e-Tron семејството - моделитe Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback

Опсегот на електрични модели на Audi се проширува со двата нови додатоци во e-Tron поставата, а станува збор за моделите Q4 e-Tron и неговиот „брат“ со купеовска линија, Q4 e-Tron Sportback. Овие два компактни модели се двата најмали елекетрични автомобили во поставата на Audi и ќе бидат дел од сегментот каде се очекува конкурентноста да се вжешти во следниот период.

Audi Q4 e-Tron

За разлика од поголемиот e-Tron SUV кој е базиран на MLB Evo архитектурата, Q4 e-Tron е направен на новата платформа на Volkswagen, MEB, на која е поставен и ID.4, a е создадена специјално за електрични навтомобили. На европскиот пазар, Audi ќе ги понуди Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback во три нивоа на опременост, со две батериски опции, како и погон на задните и сите четири тркала при лансирањето.

Повеќе опции за купувачите

Како опции ќе се нудат базичниот Q4 e-Tron 35 кој ќе биде опремен со најмалата 52 kWh батерија и единечен електромотор поставен на задната страна, кој ќе испорачува 170 КС и 310 Nm вртежен момент. Оваа верзија ќе има опсег на движење од 341 километар според WLTP ицклусот, додека Sportback моделот ќе има автономија од 349 километри. По него следува Q4 40 e-Tron кој добива поголема, 77 kWh батерија и единечен електромотор поставен на задниот дел. Оваа поставка испорачува 204 КС, но ќе го нуди и најголемиот опсег на движење од сите модели – дури 520 километри според WLTP.

На врвот на поставата се наоѓа Audi Q4 e-Tron 50, кој е опремен со поголемата 77 kWh батерија и два електромотор, по еден на двете осовини и ќе нудат вкупна моќност од 299 КС и 460 Nm, што е доволно за спринтот од нула до „стотка“ да го достигне за 6,2 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 километри на час. Максималниот опсег на движење со едно полнење кој може да го помине оваа верзија е 488 километри според WLTP кај „обичниот“, односно 497 километри кај Sportback моделот, а има максимален полначки капацитет од 125 kW.

Она што е веднаш воочливо е дека Q4 e-Tron добива голем број на визуелни елементи од своите поголеми e-Tron „роднини“, како што е лажната шестоаголна шема на предната решетка и карактеристичната LED светлосна лента на задниот дел. Од друга страна, компактниот кросовер добива неколку карактеристични елементи кои му овозможуваат да се истакне. Купувачите ќе можат да бираат меѓу тркала со големина од 19, 20 и 21 инчи кои се уникатни за овој модел и може да се избере од осум различни бои на екстериерот. Секако, тука се и Matrix LED предните светла кои ќе бидат достапни.

Компактност и пространост

Audi Q4 e-TronКога станува збор за димензиите, двата нови додатоци во e-Tron семејството имаат навистина компактни димензии. Должината изнесува 4.588 милиметри, ширината е 1.865, а висината е 1.632 милиметри, додека меѓуосовинското растојание е поставено на 2,76 метри. Но, и покрај овие димензии, Audi внимателно ја скрои внатрешноста за да може максимално да се искористи просторот, благодарение на тоа што батериите се поставени во подот. Просторот за складирање во внатрешноста е 25 литри, додека багажникот има великодушни 520 литри.

Интересно, Audi Q4 e-Tron инкорпорира технологија на проширена реалност во својот head-up екран, благодарение на што се добива прегледност еквивалентна на 70-инчен екран на 10 метри пред возачот. Инаку, Q4 e-Tron го добива и најголемиот централен екран кој го нуди Audi, а станува збор за 11,6-инчниот екран на допир од MMI инфозабавниот систем кој е насочен кон возачот, но оваа опција ќе пристигне кон крајот на годината. Како стандарден дел од опремата, возилата ќе бидат опремени со 10,1-инчен екран, додека пред возачот ќе се најде 10,25-инчниот инструмент кластер од виртуелниот кокпит на Audi, а треба да се истакнат и независните контроли за клима-уредот.

Како опција, купувачите ќе можат да добијат и Sonos аудио систем, кој ќе нуди „премиум звук“ во возилото и ќе претставува дел од SoundCube, односно „целосно интегрирана софтверска околина која формира архитектура на аудио систем која може да се адаптира на сите барања и може да интегрира звучни системи на различни добавувачи“.

Различни опции за полнење

Кога станува збор за материјалите, Audi на купувачите ќе им понуди избор меѓу вештачка или Nappa кожа, а тука е и високо квалитетниот Dinamica трим кој изгледа како антилоп, но содржи 45 проценти рециклирани материјали. Трим опциите како дрво и алуминиум исто така ќе бидат достапни.

Audi Q4 e-Tron

Полнењето ќе може да се изврши со различни излези со употреба на наизменична и директна струја, односно до 11 kW со наизменична (AC) и до 125 kW (DC) на брз полнач, со кој за 10 минути полнење се добива опсег од 208 километри.

Од Audi велат дека обрнале сериозно внимание и на рекуперација на енергијата од сопирањето. Како што е случајот и во други ЕВ модели денес, возачите ќе можат да бираат ниво на регенерација, додека германскиот производител истакнува дека до 90 проценти од сопирачките процеси можат да бидат претворени во електрична енергија.

Audi Q4 e-Tron

Двата модели ќе се најдат во продажба во Германија кон почетокот на јуни со почетна цена од 41.900 евра, додека Sportback моделот ќе чини околу 2.000 евра повеќе.

Поврзани вести

Back to top button