Audi го претстави новиот A6 Avant
На Audi A6 Avant наскоро ќе му се придружи и еквивалентниот седан, а се очекува да добие и A6 Allroad и RS6 верзии

Ерата на караваните не е завршена, доказ за тоа е и Audi кој ја претстави најновата генерација на A6 Avant. Со новиот модел германскиот производител директно се соочува со конкуренцијата – BMW 5-Series Touring и Mercedes E-Class Estate. Овој автомобил, кој претставува класична верзија со мотор со внатрешно согорување на електричниот A6 E-Tron, доаѓа со подинамичен дизајн, најсовремена технологија и ветување за „првокласно“ патување.
Дизајн и аеродинамика
Новиот A6 Avant добива најаеродинамична силуета досега за модел со мотор со внатрешно согорување, со коефициент на отпор на воздухот од само 0,25 cd. Единствениот Audi караван кој го надминува овој резултат е електричниот A6 E-Tron Avant, кој има 0,24 cd. Намалената воздушна отпорност не е само за подобрен изглед – детали како активните воздушни завеси, предниот дифузор, кровниот спојлер и обликуваното задно стакло директно влијаат врз ефикасноста.
Новата генерација е и 60 mm подолга од претходникот, со вкупна должина од 4.990 милиметри, што придонесува за поиздолжен и елегантен изглед. Агресивните LED светла со дигитална технологија и вајаните странични линии дополнително го нагласуваат динамичниот карактер.
Комфор и технологија
Audi ја позиционира A6 Avant како врвен избор за „луксузно патување“, а тоа не е само маркетиншка фраза. Внатрешноста е опремена со дигитален кокпит со три дисплеи, панорамски стаклен покрив, премиум Bang & Olufsen озвучување и четиризонска автоматска клима.
Моделот е изграден на PPC (Premium Platform Combustion) архитектурата, која нуди адаптивна воздушна суспензија како опција. Овој систем овозможува оптимален баланс помеѓу спортска управливост и удобност, а може да биде комбиниран со управување на сите тркала и quattro спортски диференцијал за AWD варијантите. Покрај тоа, сите верзии добиваат прогресивен управувач кој нуди попрецизен одзив и подобрена динамика на возење.
Моторизација и перформанси
Во согласност со стратегијата на VW Group за продолжување на развојот на мотори со внатрешно согорување, новата A6 Avant доаѓа со избор од бензински и дизел агрегати. Основните опции вклучуваат 2.0 TFSI бензински и 2.0 TDI дизел мотор, двата со моќност од 204 КС. За оние што бараат повеќе сила, тука е 3.0 TFSI шестцилиндричниот мотор со 367 КС, кој дели технологија со S5, но без да ја носи S6 ознаката.
Сите мотори користат благо-хибриден систем (MHEV Plus), кој вклучува 48-волтен стартер-генератор и мала батерија. Овој систем овозможува краткотрајно зголемување на моќноста за 24 КС и 230 Nm, како и електрично движење при мали брзини, како паркирање или возење во градски услови. Се очекува дека во иднина ќе бидат достапни и приклучни хибридни верзии на A6 Avant.
Понуда и цена
Audi веќе почна со нарачки за новата A6 Avant во Европа. Во Германија, основниот модел со благо-хибриден бензински мотор започнува од 58.000 евра, што е 1.900 евра помалку од стартната цена на претходната генерација. За споредба, помалиот A5 Avant започнува од 46.850 евра на истиот пазар.
Првите испораки на A6 Avant се закажани за крајот на мај.