Audi најавува шест нови RS модели
Audi ја слави 25-годишнината од RS 2 Avant и компанијата сега објави тизер-слика на која се прикажани шест претстојни RS модели
Автомобилскиот производител веќе најави сигурна премиера на два нови RS модели, а сега преку тизер-слика тие не само што го потврдуваат ова, туку и најавуваат дополнителни четири нови модели во оваа спортска линија.
Audi сепак останува таинствен за тоа кои модели ни претстојат, но она што може да се претпостави од самата слика е дека првите два се RS6 Avant и RS7 Sportback. И двата нови автомобили се очекува да дебитираат на Саемот за автомобили во Франкфурт следниот месец, а она што би можело да се најде под хаубата е 4,0 литарскиот твин-турбо V8 мотор, кој може да достигне моќност до 641 коњски сили.
Претходните шпиунски фотографии ни покажаа дека може да очекуваме агресивен преден дел, спортско подесена суспензија и масивни тркала, кои се поткрепени со систем за сопирање со високи перформанси. Тие исто така ќе имаат двоен издувен систем и скромно ревидиран ентериер со изобилство на материјал од јаглеродни влакна.
Следните два модели навистина личат на RS изведби на Q3 и Q3 Sportback. И двата би можеле да доаѓаат со 2,5 литарски пет-цилиндарски мотор со турбо полнач, кој произведува околу 414 коњски сили. Петтиот модел е најмистериозен од групата, но неговите фарови ги имитираат оние што се користат на редизајнираните A4 и S4. Како резултат, автомобилот би можел да биде RS4 Avant, погонуван најверојатно од 2,9 литарскиот твин-турбо V6 мотор, со моќност од 444 коњски сили. Последниот модел, според силуетата потсетува на RS Q8. Се очекува да биде опремен со 4,0 литарски твин-турбо V8 мотор со моќност од 641 коњски сили.
Сепак, Audi не открива дополнителни информации и спецификации околу најавените модели, а на нас останува само да видиме кои од овие ќе ја добијат својата премиера на Саемот во Франфурт идниот месец.