Тест Hyundai Santa Fe Hybrid 4WD Calligraphy: Реинкарнација со став

Има возила кои еволуираат постепено, а има и возила што се трансформираат, кои фрлаат зад себе се што биле предходно и се раѓаат одново, со нова визија, нов карактер и нова дрскост! Петата генерација на Santa Fe е токму тоа, целосна реинкарнација на најголемиот СУВ кој доаѓа од Hyundai. Делува дека инженерите и дизајнерите воопшто не прашале „како да се подобри“, туку очигледно тргнале со идејата „каков треба да биде Santa Fe за новото време“.А, одговорот стои пред нас на четири тркала, со хибриден пулс и силуета која едностано не може никаде да помине незабележано.

Смелост во обликувањето
Доволно е само да застанете пред новиот Santa Fe и да го оставите погледот да се движи полека. Она нешто што прво ќе ве падне во очи е правоаголната појава, намерна, самоуверена и речиси провокативна изјава на дизајн. Новиот Santa Fe ги напушта заоблените, „friendly“ линии на претходниците и зборува директно преку рамни површини, нагласени рабови, висок и вертикален став кој повеќе асоцира на сериозен теренец отколку на фамилијарен СУВ.
Со должина од 4.830 мм, 1.900 мм ширина и 1.770 мм висина, Santa Fe создава монолитно присуство каде и да го паркирате. Предната маска е централната точка на целото возило. Параметрискиот потпис со мотив на буквата „H“ е прецизно врежан во светлосните склопови со што го дефинираат лицето на автомобилот кое одава впечаток на строга интелигенција. Решетката за ладење на агрегатот делува скоро скулпторски изведена со што го дава својот придонес за цврстата целина на предниот дел. Страничниот профил ја открива праволиниската пропорционалност која владее со дизајнот преку изведбата на стаклените површини и масивните B и C столбови, додека нагласените, доплнително поставени прагови, во нашиов случај визуелно го спуштаат центарот на гравитација. Црните лесно метални бандажи облечени во гуми со димензии од 255/45R20 ги испополнуваат масивните отвори и допринесуваат со својата геометрија во профилната слика.
Задниот дел е финале достојно за автомобил со ваков карактер, широките хоризонтални ЛЕД задни светла поставени во подножјето навлегуваат во страните на возилото, а нивниот графички приказ го симулира „Н“ ефектот на дневните светла од предниот дел. Големата врата на багажникот ја опфаќа речиси целата ширина на возилото, со што го олеснува пристапот до товарниот дел, а воедно делува чисто, минималистички и многу ефектно без непотребни дизајнерски експерименти кои во последно време се честа појава. Во склоп со изгледот соодејствува и топлата, но строга „Earthy Brаss Matt“ нијанса која дополнително го истакнуваат волуменот на дизајнот во зависност од светлината во периодот на денот.
Уметност на живеење во движење
Постои еден краток момент пред да влезете во возилото, тоа е кога раката е на рачката, а вратата уште не е целосно отворена. Во тој мал интервал се прави разликата меѓу добрите и одличните возила, во случајов тоа е начинот и звукот на оворањето кој е цврст показател на сериозна конструкција и она што не очекува во неговата внатрешност. Со самото влегување се забележува дека ентериерот на Santa Fe е организиран врз принципот на хоризонтална смиреност што ја создава ниската арматурна табла која го проширувa визуелниот простор и ја намалува клаустрофобијата која некои конкурентски СУВ-ови ја создаваат со своите темни, заоблени кабини. Нејзиниот горен раб е обвиткан со мека кожна облога, детаљ кој обично се наоѓа во возила со двојно поголема цена.

Централната конзола е широка и постевена доста високо со намера, затоа што менувачот е преселен на управувачкиот столб во облик на краток лост со паркинг копче на врвот го ослободува целиот простор меѓу предните седишта за складирање. Во таа зона е сместен безжичниот полнеач за два уреди истовремено, USB приклучоци, широк раконаслон со остава до чиј простор лесно може да пристапат и патниците од задните седишта бидејќи конзолата се отвора како фиока од нивната страна. Како што ни навестуваат надворешните габарити, во внатрешноста просторот е главната тема.
Предните седишта се на врвот по комфор, но тоа не значи дека се заборавени и остантите патници. Напротив, меѓоскиното растојание од 2.815 мм дозволува лимузнски комодитет и за патниците во вториот седечки ред, без притоа да бидат лишени од посебните отври за климатизација или приклучоци за понење на мобилните телефони. Што е уште поинтересно, тестираниот примерок поседува и трет ред на седишта на кои без проблем може да се сместат и возрасни лица без притоа да не губат ниту еден дел од удобностите во кои уживаат и патниците во редот пред нив.

Материјалите и декоративните елементи создаваат финиш кој не се обидува да имитира туку создава сопствен идентитет, а тоа е видливо по употребата на „Nappa“ кожа за седиштата и висококвалитетни облоги насекаде низ просторот. Ако зборуваме за габаритите на багажниот дел може да кажеме дека кога се користат првите два седечки реда волуменот е 628 литри, а со соборување на вториот ред се добиваат 1.949 литри зафатнина. Простор на кој тешко дека може да му најдат замерка и лицата што на пат знаат да понесат и половина од домот. 😊
Во делот на напредните технологи ќе ги издвоиме 12,3 инчна инструментална табла и инфотejмент системот со истите димензии споени во една целина. Реакцијата на истиот е молскавична, а управувањето со менито е интуитивно и логично поставено, додека поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto се одвива без физичка поврзаност. За возачот е обезбеден и 12 инчен „Head Up Display“ кој проектира брзина, навигација и безбедносни предупредувања директно на ветробранското стакло што е далеку поинформативно од стандардните решенија.
Бидејќи моделот е развиван во времето на „корона“ инжињерите дожле на идеја горната преграда пред совозачот да ја претворат во UV-C стерилизациска остава со ултравиолетова ламба која за 30 секунди ги елиминира бактериите и вирусите од телефон, клучеви и паричник. Безпотребна ситница за некои, нова навика од современото време за други.
Хибриден систем што ги брише границите
Традиционално, до пред неколку години ваквиот тип на возила во 90% беа задвижувани од дизел агрегати, но тоа веќе не е случај. Во понудата постојат 2 опции, класичен хибрид и приклучна хибридна изведба, а ние се дружевме со првата. Под предиот поклопец кај овој Santa Fe работи 1,6-литарски четирицилиндричен турбо бензинец со директно вбризгување на гориво што испорачува 160 КС и 265 Нм влечна сила. Овде лежи причината за која многумина ќе речат „па ова е возило од 2 тони, тоа не е доволно“! Но неговата вистинска слика се прикажува во синергијата со електричниот мотор кој произведува 65 КС и обезбедува комбинирана системска моќност од 215 КС и вкупен вртежен момент од 367 Нм достапни уште од 1.000 вртежи. Бројки кои се чувствуваат непосредно и уверливо во секојдневното возење, а скептиците остануваат без аргументи.
Системот е поврзан со 6 степената автоматска менувачка кутија која својот дел од работата ја извршува без пауза и без забележителни прекини при преминот меѓу изворите на моќ. Погонот на сите тркала функционира преку активниот систем „HTRAC“ кој во нормални услови е насочен кон ефикасност и ја испраќа силата кон предната оска, а при пролизгување или доколку се вози вон асфалтна подлога, електронски во дел од секунда испраќа до 50% од вртежниот момент кон задната осовина.

Првото нешто што го забележувате кога седнувате за управувачот не е моќта, туку тишината. При тргнување од место, речиси секогаш прв се активира електричниот мотор и тие почетни метри се одминуваат на струја, додека хибридниот систем неприметно се подготвува во позадина да ја превземе улогата. Регенерирацијата на енергија се одвива при секое кочење и секое одземање на гас, па затоа потрошувачката во чисто урбано возење лесно паѓа под шест литри на сто километри, а моторот скоро и да не се ни забележува, освен ако не побарате нешто повеќе од него. А кога ќе побарате, одговорот е непосреден. Тоа е заслуга на оние 367 Нм комбинирана влечна моќ која е на располагање речиси од мирување. Притискате на педалата при претекнување на регионален пат и Santa Fe се движи со уверлива и линеарна цврстина без размислување и пауза.

На отворен пат, возилото го наоѓа својот природен елемент. При крстосувачки брзини лежи стабилно и цврсто, со завидно ниво на самодоверба која доаѓа од добро поставената шасија и правилно распоредена маса. Мулти-линк задната суспензија е одговорна за абсорбирање на неправилностите без нарушување на правецот, а MacPherson предното потпирање нуди доволно информации да знаете точно каде ви се предните тркала. По изминати речиси 500 километри измеривме просечна потрошувачка од 7,1 л/100 км, што значи дека со резервоар од 67 литри во комбинација со хибридната ефикасност на Santa Fe имавме реален дострел кој сериозно надминува 800 километри.
Моделот Santa Fe е возило за оние кои сфатиле дека практичноста и луксузот не се спротивности, туку природни сојузници. Каде Nappa кожата и рециклираните материјали живеат рамо до рамо, а патници на крајните седишта не се граѓани од последен ред. Тука напредната технологија е во служба на луѓето, а не обратно. Ова не е возило за оние кои купуваат статус, туку за оние кои ги препознале неговите квалитети и токму поради нив знаат зошто треба да го поседуваат.

Цена на тест моделот 73.900 евра
Технички податоци за Hyundai Santa Fe 1.6 T-GDI Hybrid 4WD Calligraphy
| мотор | Euro 6E, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
| работна зафатнина | 1.598 см3 |
| пречник и од | 75,6 x 89,0 мм |
| степен на компресија | 10,5 : 1 |
| напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, турбонапунето директно вбризгување на горивото
|
| максимална моќ на мотор со внатрешно согорување | 160 КС (117 kW) |
| макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување | 265 Nm при 1.500 – 3.500 врт/мин |
| макс. моќ на електромотор | 65 КС (48 kW) |
| макс. вртежен момент на електромотор | 264 Nm |
| макс. системска моќ | 215 КС (158 kW) |
| макс. системски вртежен момент | 367 Nm при 1.000 – 4.100 врт/мин |
| капацитет на батеријата | 1,49 kWh, литиум-јонска |
| трансмисија | погон на сите тркала преку 6 степен автоматски менувач
|
| потпирање | напред: MacPherson, стабилизатор; назад: мулти-линк, спирални пружини, телескопски амортизери
|
| сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ESP |
| пневматици | 255/45 R20 (напред) / 255/45 R20 (назад) |
| каросерија | СУВ со пет врати, 7 седишта |
| должина x ширина x висина | 4.830 x 1.900 x 1.720 мм |
| меѓуосовинско растојание | 2.815 мм |
| траги (напред / назад) | 1.646 / 1.656 мм |
| тежина | 2.040 кг |
| максимална тежина | 2.675 кг |
| багажник | 628 л / 1.949 л |
| резервоар | 67 литри |
| максимална брзина | 180 км/ч |
| забрзување 0–100 км/ч | 9,8 секунди |
| просечна потрошувачка | 6,9 – 7,3 л/100 км |
| емисија на CO₂ | 166 г/км |
Hyundai Santa Fe во Македонија
| Hyundai Santa Fe Ultimate 1.6 T-GDi Hybrid 4WD 5S | 69.500 евра |
| Hyundai Santa Fe Kalligraphy 1.6 T-GDi Hybrid 4WD 5S | 72.900 евра |
| Hyundai Santa Fe Ultimate 1.6 T-GDi Hybrid 4WD 7S | 70.500 евра |
| Hyundai Santa Fe Kalligraphy 1.6 T-GDi Hybrid 4WD 7S | 73.900 евра |
| Hyundai Santa Fe Ultimate 1.6 T-GDi Plug in Hybrid 4WD 5S | 78.800 евра |
| Hyundai Santa Fe Kalligraphy 1.6 T-GDi Plug in Hybrid 4WD 5S | 82.900 евра |
| Hyundai Santa Fe Ultimate 1.6 T-GDi Plug in Hybrid 4WD 7S | 79.800 евра |
| Hyundai Santa Fe Kalligraphy 1.6 T-GDi Plug in Hybrid 4WD 7S | 83.900 евра |
Повеќе информации во Гранд Ауто на www.hyundai-mk.mk или на тел. (0) 2 3073 103
Конкуренти:
| Renault Espace | од — . — дo — . — евра |
| Mazda CX-80 | од — . — до — . — евра |
| Skoda Kodiaq | од 43.560 до 51.290 евра |
| Volkswagen Tyron | од 49.145 до 66.434 евра |
| Kia Sorento | од 64.950 до — . — евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.















































