Audi со први фотографии го најави освежениот E-Tron GT
Освежениот Audi E-Tron GT, меѓу другото, ќе добие поголема моќност и пософистициран активен систем на суспензија
Audi E-Tron GT – првично претставен во 2021 година – ќе добие освежување во средината на животниот циклус, по примерот на тесно поврзаниот Porsche Taycan. Пред дебито на фејслифтираниот модел, Audi покажа официјални фотографии од прототип, најавувајќи ги благите надворешни измени. Се очекуваат поважни надградби под „кожата“, вклучувајќи посилни електрични мотори, побрзи можности за полнење, пософистициран активен систем за суспензија и додавање на нова RS Performance верзија.
Прототипот на Audi E-Tron GT прикажан на официјалните фотографии не носи никаков вид камуфлажа, при што шаренилото е единственото нешто што го разликува од финалниот сериски модел. Електричниот автомобил делува препознатливо, но повнимателен поглед открива неколку промени во однос на сегашниот RS E-Tron GT. Предниот браник има ревидирани доводи и малку поинаков капак на решетката, додека опашката има редизајниран дифузер. Конечно, моделот e поставен на нов сет на аеро-оптимизирани алуминиумски тркала, завршени во црна боја.
Покрај споделувањето фотографии од прототипот на Audi E-Tron GT производителот не навлезе во деталите за механичките и технолошките надградби кои се очекуваат да бидат позначајни.
Моторни единици
Судејќи според неодамна ажурираниот Porsche Taycan, Audi E-Tron GT ќе доаѓа со помоќни електрични мотори и ќе нуди побрза стапка на полнење до 320 kWh наместо 270 kWh. Некои нивоа на опременост може да го добијат и пакетот батерии со поголем капацитет од 105 kWh, кој нуди поголем опсег во споредба со постојната единица од 93,4 kWh.
Освежената линија ќе биде крунисана со нов RS Performance предводник кој ќе испорачува повеќе од 646 КС на појдовниот RS Е-Tron GT, но помалку од 952 КС колку што има новото Porsche Taycan Turbo S.
Друг белег е новиот активен систем на суспензија со хидраулични активатори – слично на Porsche Active Ride. Ова ќе им овозможи на инженерите на Audi дополнително да ја подобрат комфорната динамика на возењето на електричниот модел.
Audi не го откри датумот за дебито на ажурираното семејство Е-Tron GT кое се очекува некаде во наредните недели/месеци.