Австрија подготвена за почеток на F1, без проблеми за Silverstone

Австриската влада и даде дозвола на Formula 1 за одржување на трките на 5 и 12 јули, со кои би започнал годинешниот F1 шампионат

Австриската влада и даде дозвола на Formula 1 за одржување на трките на 5 и 12 јули, со кои би започнал годинешниот F1 шампионат кој беше одложен поради пандемијата на коронавирусот. Според австриските медуми, по повеќенеделните преговори меѓу челниците на Formula 1, Red Bull Ring и локалните официјални лица, дадено е зелено светло за да се оствари замислениот план.

Претходно во текот на неделата, министерот за здравство на Австрија, Руди Аншобер изјави дека владата на оваа земја завршила со анализата на планот и дека официјалната одлука ќе биде објавена во догледно време. Меѓутоа, се чини дека одлуката е донесена многу порано од очекуваното и F1 доби дозвола само неколку дена пред да биде објавен изгледот за европскиот дел од сезоната.

F1

Според планот кој е одобрен, на трката ќе може да присуствуваат и гледачи, но бројот ќе биде ограничен на 500. Засега не се знае каков е точниот план за тоа прашање, но извршниот директор на Formula 1, Рос Брон, уште претходно изјави дека сите вработени во F1 ќе бидат изолирани од надворешниот свет. Ова значи дека во Австрија ќе се пристигнува со чартер летови до воената база која е оддалечена неколку километри од Шпилберг, a тимовите ќе престојуваат во различни сместувања. Пред доаѓањето во Австрија сите ќе мораат да бидат тестирани на коронавирусот, а тестовите ќе се повторуваат на самото место на неколку дена.

Пред официјалната потврда, потребно е уште да се добие и дозвола од здравствениот директорат на сојузната покраина Штаерска, но сето ова се чини дека е само формалност. По Red bull Ring, шампионатот ќе продолжи со Големата награда на Унгарија, а кон почетокот на август се планирани две трки во Велика Британија, но се ќе зависи од исклучокот за карантин кој во моментов е задолжителен за сите при влезот во оваа земја.

Британците попуштаат

Како што е напоменато, F1 планира да одржи две трки ова лето во Англија, на патеката Silverstone. Според најавите на BBC Sport, најавени се промени во мерките за самоизолација на сите странци кои влегуваат во Велика Британија, што претставуваше и најголем проблем за одржување на трките.

Извори од F1 тврдат дека лицата кои се вклучени во елитни спортски настани ќе бидат ослободени од обврските кои важат за сите странски патници за самоизолација од 14 дена. Спортовите и организациите ќе мораат да предадат детален план и да добијат одобрување за своите движења и активности. Се очекува владата да го потврди овој потег во првата половина на јуни.

F1

„Ги поздравуваме напорите на владата да обезбеди елитниот спорт да може да продолжи со своето делување и нивната поддршка за нашето враќање на патеката. Ќе бидеме во блиски контакти во следните недели додека се подготвуваме за почеток на нашата сезона во првата недела од јули“, изјави портпаролот на Formula 1.

Во саботата секретарот во владата задолжен за култура, медиуми и спорт, Оливер Дауден, најави дека спортот ќе може да продолжи зад затворени врати под строги и контролирани услови, а социјалното дистанцирање се подразбира таму каде што тоа е возможно.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close