fbpx

Авто Плус ексклузива – „уловена“ нова верзија на новата BMW Серија 7

Авто Плус имаше несекојдневна можност да забележи камуфлиран прототип на новата BMW Серија 7 на улиците во Германија

BMW неодамна ја претстави новата генерација на Серија 7, заедно со целосно електричниот i7. Но, баварската марка веќе подготвува нова верзија на својот знаменосец. Обвиткана во камуфлажна „униформа“, новата верзија ја забележавме на улиците во Германија.

Од она што може да се забележи на прв поглед, нема да има поголеми промени кога станува збор за екстериерот, иако фактот дека моделот е „камуфлиран“, можни се некакви стилски „дошминкувања“. Можно е да станува збор за некој специјален и полуксузен модел во однос на она што веќе имавме шанса да го видиме, или пак некоја поспортска варијанта на веќе постоечки модел, што се чини како нешто поверојатно со оглед на таинственоста.

Претставена во април минатата година, новата генерација на Серија 7 во Европа првично беше достапна само во електрична варијанта, односно моделот i7. Сепак, уште тогаш од BMW најавија дека останатите верзии кои ќе користат мотор на внатрешно согорување на Стариот континент ќе пристигнат нешто подоцна, а тоа ќе бидат BMW 740d xDrive, шестцилиндричниот дизел со 300 КС како и plug-in хибридни варијанти. Сепак, во согласност со претходните најави, многу веројатно е ова да биде новата најмоќна варијанта на i7 која ќе ја носи ознаката M70 xDrive и ќе располага со 660 КС.

Во секој случај, „шпиунските“ фотографии кои успеавме да ги направиме, како и камуфлираниот стајлинг, сугерираат дека BMW подготвува нешто ново за својата Серија 7. Што се однесува до ентериерот, тука не би требало да има големи промени, бидејќи новата Серија 7 сама по себе носи голем број новитети и револуционерни технологии, каде пред се се истакнуваат новиот 31-инчен Theater Screen екран прикачен на покривот, како и дополнителните 5,5-инчни Touch Command дигитални екрани на вратите наменети за различни функции, а повеќе детали очекуваме да дознаеме во следниот период.

Поврзани вести

Back to top button