Автомобилскте манифестации се вратија со Салонот во Бангкок

Во Тајланд е отворен годинешниот Салон за автомобили, кој претходно беше во два наврати одложуван, а иста ќе биде ситуацијата и со SEMA во Лас Вегас

Тајланд претставува голем регионален клуч за автомобилските производители, а настаните кои се организираат на територијата на оваа земја се меѓу најпосетените на целиот континент, со оглед на тоа дека бројките на посетители на Меѓународниот Салон во Бангкок во изминатите години надминуваше и милион лица.

Бангкок

Годинешното издание, кое два пати беше одложувано, сега е отворено, откако се ублажени мерките против пандемијата. Сите посетители и изложувачи ќе мораат да носат маски или визири за спречување на ширење на заразата. На сите капии од саемското здание се поставени современи мерачи за телесната температура на гостите.

Според традицијата, ова е 41 издание на Меѓународниот Салон за автомобили во Бангкок, а чија посебност се забележува и во тоа што организаторите мораа да го подготват и просторот за чекање на гостите во близина на своите производи со цел да се обезбеди можност за физичка дистанца.

„Ниту една земја во овие услови не организирала нешто вака масивно и големо. Како да не е пандемија во тек. Успеавме во намерата да го исконтролираме дивеењето на вирусот“, изјави раководителот на организациониот одбор на Салонот, Прачин Емлумнов.

Учество на манифестацијата зедоа 25 автомобилски брендови, вклучително и Nissan, BMW, Suzuki, Mazda, MG, Audi… Салонот ќе трае 12 дена, а поради тоа што е раритет во оваа година на корона, очекувано ќе привлече големо внимание.

Бангкок

SEMA ќе се одржи по секоја цена

Салонот во Тајланд сигурно ќе им даде дополнителен ветер во грб на оние кои не отстапуваат од намерата да организираат автомобилска манифестација годинава. Едни од тие се организаторите на SEMA кои најавуваат дека манифестацијата во Лас Вегас ќе се одржи со сигурност во ноември годинава.

Минатиот месец, организаторите најавија дека „илјадници изложувачи и посетители се регистрирани и планираат да присуствуваат на 2020 SEMA настанот. Од SEMA исто така истакнаа дека манифестацијата е закажана за ноември и дека „соработуваат тесно со државата Невада и локалните здравствени власти. Постојано се во комуникација и со експерти за безбедносни протоколи со цел да им се овозможи на посетителите безбедно, продуктивно и успешно шоу“.

Секако, од SEMA признаваат дека ситуацијата е неизвесна и дека работите би можеле потенцијално да се променат. Како и да е, ветуваат дека ќе известуваат со постојани соопштенија во текот на летото и во септември.

Во секој случај, очигледно е дека автомобилските салони полека се враќаат на големата сцена по хаосот кој го предизвика пандемијата на коронавирусот, иако и самите настани се соочуваа со проблеми и пад на популарноста уште пред избивањето на здравствената криза.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close