fbpx

Aznom Palladium пристигна

Aznom официјално го прикажа својот бизарен проект Palladium кој го нарекува „хипер лимузина“, а претставува комбинација на седан и кросовер

Базиран на Ram 1500 пикап камионет, Azon Palladium е уникатен проект кој ќе биде произведен во само 10 примероци, а автомобилот ќе биде способен да се справи со сите терени, благодарение на системот за погон на сите четири тркала. Секако, она што паѓа во очи е уникатниот и необичен дизајн. Предниот дел од екстериерот наликува на Rolls-Royce благодарение на маската од ладилникот со хоризонтални решетки на која се поставени тенки LED фарови.

Движејќи се кон задната страна, забележливо е дизајнерското влијание од Ram 1500, со оглед на тоа дека моделот е базиран на вториот најпопуларен пикап во САД. Настрана ова, Aznom Palladium се одликува со пластични облоги за заштита, хромирани акценти и испакнати задни крила. На задната страна се наоѓа опаѓачкиот прозорец и карактеристичниот заден крај, кој потсетува на Bentley Mulsanne, а интересно е дека нема традиционален отвор од багажникот, туку истиот се извлекува како фиока.

„Потеклото“ на Palladium е повеќе забележлив во внатрешноста, со тоа што делува како по ексклузивна и луксузна варијанта на Ram 1500, облечена со скапоцена кожа, дрвен трим и алуминиумски акценти. Сепак, тука е новиот екран на допир на вратата кај возачот со кој се контролираат светлата во ентериерот, вграден фрижидер, како и фиоки низ целата внатрешност. Задните седишта се третирани како кауч обложени со кожа и стилски дрвен трим.

Уникатен модел ограничен на 10 примероци

Меѓу останатите карактеристики тука е и Harman Kardon аудио системот, Microsoft Surface Pro X таблети и рачно изработен часовник кој инкорпорира злато и паладиум.

Моќноста доаѓа од 5,7-литарскиот V8 мотор кој е опремен со два турбо полначи. Ова овозможува испорачување на 710 КС и 950 Nm максимален вртежен момент. Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач и систем за погон на четири тркала. Ова му овозможува на Aznom Palladium да забрза од нула до „стотка“ за 4,5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 210 километри на час.

Производството на овој масивен автомобил од 2.650 килограми и должина од 5.960 милиметри ќе биде ограничено на 10 примероци, а купувачите ќе можат да го персонализираат и прилагодуваат секој детал од моделот. Се уште нема никакви детали за цените, но компанијата очекува продажбата да се одвива во Кина, Русија, Блискиот Исток и САД.

Поврзани вести

Back to top button