fbpx

BMW го освежи M135i xDrive со подобри механички перформанси

Германскиот производител BMW го покажа освежениот M135i xDrive кој пристигнува со механички унапредувања и нови бои во палетата

BMW подготвува соодветен одговор на конкуренцијата, па така подготви неколку ревизии за својот компактен хечбек од Серија 1. Иако овој модел не добива целосен M третман, сепак M135i xDrive е доволно добар за да го привлече вниманието на љубителите на оваа класа автомобили, а сега автомобилот за 2022 година добива серија на механички подобрувања по помалку од три години на пазарот.

Треба да се земе предвид дека ова не е унапредување и фејслифт на средина од животниот циклус, туку суптилна еволуција на најмоќниот модел на Серија 1. Рекалибрираните опруги и амортизери го подобруваат однесувањето на способниот хечбек во свиоците. Инженерите исто така ги тјунираа држачите за задниот крак и влечното рамо од задната оска. Предната оска сега може да се пофали со нови дихтунзи кои се користат за прикачување на двојните попречни лостови на предниот систем за потпирање, додека заобленоста е зголемена за подобро апсорбирање на латералните сили при влегувањето во свиоците.

BMW M135i xDrive

BMW M135i xDrive го задржува својот механички диференцијал со ограничено прилизгување кој е вграден во осумстепениот автоматски менувач, а истото може да се каже и за турбо 2,0-литарскиот бензински мотор. Четирицилиндричниот агрегат и понатаму испорачува 305 КС и 450 Nm максимален вртежен мотор кои се испраќаат на сите четири тркала. Најмалиот перформансен автомобил на баварскиот производител стандардно е поставен на 18-инчни тркала, а постои опција и за поголеми, 19-инчни фелни.

Нови бои и унапреден звук

Компанијата исто така направи и промени на вешатчкиот моторен звук кој се испорачува преку звучниците во кабината. Баварците велат дека звукот кој се канализира во кабината е „внимателно засилен“ за подобро чувство зад управувачот.

Со тоа што BMW сега нуди индивидуални бои за регуларната Серија 1, логично е што M135i xDrive исто така добива можност за некоја нова боја. Моделот кој е прикажан на фотографиите е финиширан во неметалик Sao Paulo жолта нијанса, но новите нијанси како Frozen Pure Grey и Frozen Orange исто така се достапни.

Поврзани вести

Back to top button