BMW ја претстави Серија 4 во кабрио изведба

По купе варијантата на Серија 4, BMW одлучи да ја покаже и кабрио верзијата за својата „четворка“

Иако круна на понудата е неодамна прикажаниот М4, сигурно е дека и стандардните изданија на Серија 4 имаат што да кажат. BMW официјално ја претстави Серија 4 во кабрио изведба, која ги задржа естетските одлики на купето. Клучната разлика меѓу овој автомобил и моделот кој го заменува е тоа што сега е достапен и мек покрив. Од BMW велат дека новиот мек покрив помага во намалувањето на тежината, го зголемува просторот во багажникот и овозможува пониско тежиште за автомобилот со што се добива подобро управување.

Покривот може да биде отворен и затворен за 18 секунди до брзина од 50 километри на час. Капацитетот на багажникот сега е зголемен на 255 литри, односно 34 повеќе од претходно. Мекиот покрив е достапен во стандардна црна боја и опционална Moonlight црна која се истакнува со металик одблесок при директно осветлување.

Како и остатокот од новиот опсег на BMW Серија 4, унапредениот кабрио модел е поголем од својот претходник. Поточно, автомобилот е 132 мм подолг, 25 мм поширок и 2.5 мм повисок. Меѓуоскиното растојание исто така е зголемено за 40 милиметри.

Кога станува збор за дизајнот, тука нема никакви изненадувања. Напред повторно е забележителна „контроверзната“ голема решетка, додека на задниот дел доминира тенката светлосна група и големиот дифузер. Серија 4 кабрио може да се пофали со совршена распределба на масата од 50:50.

Најголема новина кога се зборува за механиката е тоа што мануелниот менувач воопшто го нема во понудата. Така, сите погонски единици се во комбинација со осумстепен автоматски менувач. Палетата на мотори е сочинета од три единици и сите се опремени со 48-волтен благ хибриден систем. Базичната погонска единица е 420i односно 2,0-литарскиот турбо четирицилиндричен мотор кој располага со 184 КС и 300 Nm максимален вртежен момент. По него следува помоќниот 2,0-литарски бензинец 430i кој нуди 258 КС и 400 Nm.

По ова следува дизелскиот 420d кој нуди 190 КС и 400 Nm. На врвот се наоѓа M440i xDrive, односно 3,0-литарскиот шестцилиндричен мотор кој испорачува 374 КС и 500 Nm. Забрзувањето кај M440i од нула до „стотка“ се стигнува за 4,9 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Од BMW најавија дека подоцна во понудата ќе се најдат уште два дизел агрегати – 430d и M440d xDrive.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close